Дали Јанева ќе биде разрешена или ќе ѝ заврши мандатот ?


Иако спикерот Талат Џафери најави дека до истекот на мандатот на специјалната обвинителка Катица Јанева ќе закаже пленарна седница на парламентот за нејзино разрешување, опозицијата се сомнева дека  чинот свесно се пролонгира за Советот на јавни обвинители да нема време да ја донесе конечната одлука.

-По сѐ изгледа дека намерно се одолговлекува ставањето на дневен ред на извештајот за разрешување на Јанева за да се избегне квалификацијата дека таа се разрешува поради незаконско, несовесно и нестручно  работење и да се дезавуира можноста Советот на јавни обвинители да ја донесе конечната одлука за тоа – ни изјави Илија Димовски, претседател на ссобраниската Комисија за избори и именувања, која минатата седмица донесе едногласен предлог за разрешување на специјалната јавна обвинителка.

Предлогот на надлежната комисија треба да го усвои и парламентот, со двотретинско мнозининство, по што фионалната одлука ја носи  Советот на јавни обвинители. Но, законот за СЈО предвидува и можност Јанева да ја обжали евентуалната одлука за нејзинот разрешување. според Законот за СЈО, разрешениот јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство може да поднесе тужба до Основен суд Скопје 2-Скопје за разгледување на одлуката за
разрешување. Со одлука на судот, јавниот обвинител може да биде вратен на работа или да добие друг вид надоместок.

Четиригодишниот мандат на Јанева истекува на 15 септември, поточно в недела.

Димовски објаснува дека формално-правно има разлика во тоа дали специјалната обвинителка, која е моментно осомничена за злоупотреба на службената должност и е во притвор за случајот „Рекет“, ќе биде разрешена или ќе биде оставено да ѝ заврши мандатот. Ако биде разрешена, како што објаснува, тоа ќе биде со квалификации за несовесно, нестручно и назаконско извршување на функцијата, што може да биде и документ во евентуална судска постапка. Во спротивно, како што вели, ќе се избегнат тие квалификации.

Димовски денеска, преку социјалните мрежи, апелираше до спикерот Џафери итно –  уште за денес да ја закаже седницата.

-Секое одложено закажување на седница за утре значи спасување на Катица Јанева и прикривање на рекетот и уцените – напиша Димовски.

Џафери, пак, изјави дека било клучно да добие писмена согласност од сите партии за разрешување на Јанева. Тој потврди дека до 15 септември ќе биде закажана седница со единствена точка на дневен ред – разрешување на специјалната обвинителка.  Седницата досега не била одржана бидејќи се чекало на исходот од лидерската средба која заврши без договор за новиот закон за јавно обвинителство.
На вчерашната седница, владејачкото мнозинство не го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ дневниот ред да се дополни со предлогот за разрешување на Јанева.
(А.М.М.)