Дали инфлацијата пак зема замав: Август поскап од јули за 1,2 отсто

Во август, во споредба со претходниот месец, е забележан пораст на трошоците кај свежото и разладеното овошје за 7,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 7,0 отсто, сирењето и урдата за 3,2 отсто, млекото за 2,6 отсто...


Фото: Б. Грданоски

Годишната инфлација во август изнесуваше 8,3 отсто, измери Државниот завод за статистика со што продолжи трендот на намалување на порастот на трошоците на живот на годишно ниво. Претходниот месец годишната стапка на инфлација изнесуваше 8,4, пред тоа беше 9,3. Но, дали е ова доволно да се биде опуштен?

Според денешното соопштение на ДЗР, на месечно ниво, инфлацијата и натаму покажува тенденција на пораст. Иако традиционално летните месеци се период кога доаѓа до ценовно релаксирање, тоа годинава сепак, не се случи, па август во споредба со јули беше поскап за 1,2 отсто. Тоа го покажаа и податоците за синдикалната минимална кошничка кои само за еден месец се зголемени за 725 денари.

Месечниот пораст на трошоците на живот (според кои се мери и инфлацијата) почна уште во април, значи веќе четири-пет месеци во ред тековниот месец е поскап од претходниот.

Во јули месечната стапка на инфлација (во однос на јуни) беше еден отсто, исто колку и во јуни во однос на мај, а во мај во однос на април изнесуваше 0,4 отсто, а во април 0,7 отсто.

Што го направило август поскап од претходниот месец?

Статистичките податоци покажуваат дека пораст на трошоците на животот во август 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 7,0 отсто, сирењето и урдата за 3,2 отсто, млекото за 2,6 отсто, лебот и житата за 1,6 отсто, месото за 0,9 отсто, кафето, чајот, какаото за 0,8 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,6 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,4 отсто, пивото за 0,3 отсто и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,2 отсто.

Во август, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 11,4 отсто, воздухопловниот патнички транспорт за 9,2 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 6,7 отсто, ткаенините за изработка на облека за 3,9 отсто, туристичките аранжмани за 3,3 отсто, услугите за одржување и поправки на живеалиштето за 2,9 отсто, производите за домаќинството – нетрајни за 2,0 отсто, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање, фризерските салони и центрите за разубавување за 1,8 отсто, гасот за домаќинствата, медицинските услуги за 1,5 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,4 отсто и тн.

Многу помалку се производите каде што во август имало намалување на индексите на трошоците на животот, во споредба со претходниот месец. Тоа е случај на пример со рибата и морските плодови за 0,7 отсто, маслото и маснотиите за 0,5 отсто, јајцата, виното за 0,4 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај другите печатени материјали за 1,5 отсто, обувките за 0,7 отсто, игрите, играчките и хобијата, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,4 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 0,3 отсто и другите медицински производи за 0,2 отсто.

Иако традиционално летните месеци се период кога доаѓа до ценовно релаксирање, тоа годинава сепак, не се случи (Фото: Б.Грданоски)

Граѓаните стравуваат што ќе донесе септември и другите месеци во текот на есента кога традиционално почнува да се подготвува зимница и има многу други трошоци поврзани со образованието и домувањето, но исто така и кога се очекува да бидат обелоденети цените за греењето во Скопје, и кога се набавуваат огревни дрва и сл.

Надлежните смируваат дека ја имаат ситуацијата под контрола, иако намалувањето на годишната инфлација се должи најмногу на високата споредбена основа од минатата година.

Денеска на прес конференција министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека Министерството за финансии останува на проекциите за раст на БДП од 2,5 отсто и инфлација од 8,9 отсто на годишно ниво.

Тој исто така рече дека Владата ќе продолжи и понатаму да дава солидна поддршка за стопанството, но и за заштита на стандардот на граѓаните, особено на најранливите категории на граѓани во услови на криза.