Дали државата се откажува од тутунарите кои садат на туѓи ниви?
Со новите критериуми - субвенции по килограм предаден тутунот ќе добијат само оние тутунари кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства
БИТОЛА – Новите критериуми за субвенционирање на тутунарите внесуваат забуна, немир и револт кај земјоделците. Тутунарите кои не се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства остануваат без право на субвенции по килограм предаден тутун. Најмногу ќе настрадаат оние тутунари кои работат земја со нерешени имотно-правни односи, а ги има многу.
Со многу нерешени имотно-правни односи се поставува прашањето зошто државата ги заострува критериумите?
Тутунопроизводителите во државата се многу. Според податоците од ланската година, кога беа исплатени субвенциите за реколтата 2024 година во висина од 40 милиони евра, субвенции зедоа 14.500 тутунопроизводители од целата држава. Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, лани кажа дека ова е една рекордна исплата на субвенции по однос на произведен килограм тутун.
Со новите критериуми – субвенции по килограм предаден тутунот ќе добијат само оние тутунари кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) за насадените површини.
На пример, Платежната агенција ќе види дека тутунарот Петко има предадено тутун, ќе го побара во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и ако таму не е регистриран нема да му исплати субвенции.
Ова значи дека Единствениот регистар на земјоделски стопанства е основа за договор, откуп и субвенции. До лани тутунарите земаа субвенции по предаден килограм тутун, немаше услов да се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Но, за да биде запишан во регистарот земјоделецот мора да има право на користење на нивите.
Во февруари годинава тутунарски здруженија јавно повикуваа во пресрет на склучувањето на договорите за реколтата 2026 година, тутунарите да ги ажурираат сите катастраски парцели.
„Откупувачите немаат право самостојно да внесуваат или коригираат податоци. Сè што не е точно или не е пријавено во ЕРЗС, нема да може да биде опфатено со договор, ниту да биде основ за субвенции. Поради тоа, апелираме: навремено да ги проверите податоците во ЕРЗС, да ги ажурирате сите катастарски парцели (КП), да ја усогласите пријавената површина со реалната состојба. ЕРЗС е основа за договор, откуп и субвенции. Грешка таму – проблем цела година“, стоеше во соопштението.
Меѓутоа сега се покажа дека измените не беа целосно јасни за тутунарите.
Платежната агенција за „Независен“ ги образложи критериумите за доделување на субвенциите за тутун, со објаснување дека во Програмата и Уредбата за директни плаќања за 2026 година утврдени се две мерки за поддршка на производството на тутун.
Најпрво, Подмерка 1.1. „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за поледелски култури“ каде што за корисници се утврдени земјоделски стопанства кои во 2026 година имаат засадено површини под тутун и оствареното производство го имаат договорено и предадено на регистрирани откупувачи на тутун. Плаќањата се по површина и изнесуваат 6.000 денари по хектар. За оваа подмерка задолжително е евидентирање на површините во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) и Системот за идентификација на земјоделските парцели (СИЗП). Исплата не се врши по оваа подмерка за парцелите кои не се евидентирани во овие системи“, информира Платежната агенција.
Во вториот критериум, Подмерка 3.1. „Директни плаќања за договорен и продаден ориентален ароматичен необработен тутун од реколта 2025 година“, каде што за корисници се утврдени земјоделски стопанства кои своето производство на тутун од реколта 2025 година го договориле и продале согласно закон во регистрирани откупувачи на тутун. Плаќањата се по количина и изнесуваат од 60 до 80 денари по килограм во зависност од класата на тутунот. Исплата се врши за количините кои се внесени во електронскиот систем од страна на откупувачите. Исплатата по оваа подмерка не е условена со исплата по подмерката 1.1. што практично би значело дека за исплата на субвенциите по количина не е услов барателот да поднел барање за мерката по површина“, соопштија од Платежната агенција.
Земјоделецот Кире Момироски вели дека не сите земјоделци се со можност да поседуваат сопствено земјиште и најчесто работат на изнајмени ниви, со нерешени имотно-правни и оставински постапки и не можат да бидат реално внесени во системот иако ја обработуваат земјата.
„Производството што е реализирано и предадено на откупувачите доаѓа од обработливо земјиште кое се третира, а не доаѓа од воздух! Владата треба да подразмисли за ваквата политика и да не ги дели овие две мерки и треба да знае дека одредено производство доаѓа од одредена површина на земја што е лесно пресметливо. На ваков начин само нуди мерка која над 50% од земјоделците не можат во никој случај да ја користат само поради бирократија“, реагира Момироски.
Земјоделецот Станишко Ѓоргиевски смета дека со новите мерки тутунот го губи местото кое го имаше во последните неколку години, и дека малите индивидуални земјоделци сѐ повеќе ќе губат право на субвенции.
„Државата сака да се откаже од малите индивидуални земјоделци и од нив да направи социјални случаи, оние кои се помлади сака да ги тргне од земјоделието. Сликовито кажано, министерот мисли дека многу пари им се даваат на земјоделците и треба да се научат да живеат без субвенции“, коментира земјоделецот Ѓоргиевски.
Отворено прашање за тутунопризводителите е што ќе биде со оние земјоделци кои садат тутун на изнајмени ниви?
„А што ќе биде со тие што садат тутун на туѓи ниви, а газдите ги даваат под кирија без да склучат договор за закуп, тогаш субвенциите баш на таквите сиромашни тутунопроизводители треба да ги јаде државата? Овој закон е крајно неприфатлив и понижувачки за вистинските тутунопроизводители кои живеат од тутунот“, вели Лидија Наумоска, тутунопроизводител.
Тутунарот Гоце Талевски бара од министерот субвенциите да ги земаат по килограм предаден тутун, а не по тоа колку им пишува во договорот.
„Колку предаваш, толку земаш. Јас садам 10 илјади квадратни метри, а можам да направам договор само за една четвртина од површината, оти дел од нивите ни се наследство на повеќе луѓе, па не можеме нивата да ја поделиме, и самиот закон вели помала нива од 20 илјади м2 не може да се цепи“, вели земјоделецот.
По објавувањето на критериумите реагира и Националната земјоделска мрежа, па и оттаму велат дека има многу нејаснотии за кои е потребно прецизно објаснување за реколтата 2026.
„Субвенциите за нафта и пријавена површина по единица површина ќе бидат исплатени само под услов ако уредно се пријавени и оцртани во дигитална форма во системот на подрачните единици на МЗШВ, површините на кои ќе биде посаден тутун со точен број на катастарска парцела, со напомена дека доколку тутунопроизводителот не аплицира за ова мерка не е должен да ги оцртува парцелите?“,прашуваат од НЗМ и додаваат доколку при контрола се констатираат нерегуларности, односно не се посадени точно наведените површини по катастарски број на парцела тогаш може да се санкционира со губење на субвенциите и по површина и по предадена количина тутун.