Дали дојде време стопанството да ѝ помогне на државата


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Клиентелизмот кај нас создаде една невозможна ситуација – плаќањето даноци да се смета за „луксуз“, а во исто време истите тие кои се жалат на високи давачки се меѓу најгласните во барањето помош од државата

 

Уште одѕвонува ехото од пораката на стопанствениците од почетокот на ковид кризата: „Сега е време државата да му помогне на стопанството, за подоцна стопанството да може да ѝ помогне на државата“.

Речиси една година подоцна и пет сета економски мерки на Владата во вкупен износ од околу 1,2 милијарди евра или 11 отсто од БДП (но, за жал, многу помалку реализирани), дилемата е – дали дојде време за вториот дел од она што го порачуваше бизнисот кога корона кризата удри со сета сила, ставајќи ги во карантин и фирмите и граѓаните. Односно, дали дојде време наредниот шести пакет да го испорача стопанството, преку зголемено производство, нови инвестиции и повеќе вработувања?

Ако се слушаат пораките кои сега стигнуваат од Владата дека пред нас е година на економски рестарт и дека ќе нема повеќе финансиска помош за исплата на плати (односно дека за февруари и март ќе биде последната), се чини дека дека очекувањата се токму такви.

„Мерките вклучени во петтиот пакет ќе го заокружат процесот на директна поддршка, со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од економската криза предизвикана од пандемијата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително ќе се стимулира. Со кредити со ниски каматни стапки и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП од вториот квартал на 2021 година“, изјави премиерот Зоран Заев презентирајќи ги 29–те мерки од петтиот пакет во вредност од околу 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони се директни буџетски трошења.

Оптимизмот е одлика на политичарите, особено од позиција на власт. Тие располагаат и со најмногу податоци за движењата во економијата, за полнењето на буџетот, за расходите кои треба да се направат.

Оттаму, не треба да се отфрлат „анблок“ процените кои ги кажа премиерот дека целта е да се придвижи економијата кон стапки на економски раст од 4 отсто до 5 отсто, односно на динамиката на раст од пред пандемијата.

Од друга страна, кога се во опозиција, политичарите по правило ги менуваат розовите очила со темни, па сосема е очекувана оцената на ВМРО-ДПМНЕ дека мерките од петтиот пакет само ја замајуваат јавноста и нема да придонесат за подобрување на економската ситуација во земјава. Особено, како што вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, што вкупниот обем на досегашните мерки кои се реализирале изнесува само околу 3,5 отсто од БДП, што е трета најмала вредност во Европа.

Со толку низок процент на реализација, навистина, не може да се очекуваат чуда.

Ако пак, се наслушнува она што како очекување го испорачуваат бизнисмените, постои воздржан оптимизам.

Вирусот мутира, нашите главни трговски партнери го продолжуваат заклучувањето на економијата, залихите се натрупуваат, нарачките и натаму се мали. Малку елементи да се очекува наскоро пресврт.

Само еден податок: во јануари годинава бројот на нови регистрирани возила во земјите од Европската унија паднал за 24 отсто во споредба со истиот месец минатата година, на досега рекордно ниски 726.491 возило. Речиси сите 27 земји членки на ЕУ забележале двоцифрен пад, но она што е позначајно за нас е што тоа е најизразено кај три од четирите најголеми пазари – во Германија (која е наш најголем трговски партнер) падот бил 31,1 отсто, во Шпанија дури 51,5 отсто, а во Италија минус 14 отсто. Единствено Франција од големата четворка имала помал пад од „само“ 5,8 отсто.

Македонскиот извоз го носат фирмите во слободните економски зони, но и надвор од нив, од кои повеќето испорачуваат делови токму за автомобилските компании. Оттаму, и во домашната економија многу работи ќе зависат од тоа како ќе се одвиваат процесите во водечките европски земји каде што се пласира над 60 отсто од вкупниот македонски извоз.

Слична е состојбата и во текстилната индустрија – од таму алармираат дека поради прекинот во испораките (заради строгите мерки кои ги преземаат повеќето западни земји за да го спречат ширењето на новите соеви на вирусот) залихите се натрупуваат, магацините се преполни, а она што треба да се испорача се чува дури и во камионите, бидејќи веќе нема каде.

Генерално, бизнисот и синдикатите позитивно го дочекаа мерките од петтиот сет на Владата. За тоа сигурно придонесе и нивното учество во креирањето на овој пакет, што во услови на ограничени финансиски можности е добар потег на Владата да го амортизира евентуалното незадоволство.

Сепак, економистите укажуваат на некои од мерките кои лесно можат да креираат морален хазард. Станува збор за практиката да се простуваат разни долгови, како што беше случајот со долговите на општините, на пример, или сега со каматите кон комуналните претпријатија. Никој не е против да им се помогне на најранливите, но прашање е дали е избран нај целисходниот начин – бидејќи во суштина проблемот не се решава, туку само се префрла врз јавните претпријатија, од кои повеќето и онака генерираат загуби и кои во крајна линија повторно се покриваат од Буџетот.

Сево ова покажува дека годината што е пред нас ќе биде прилично неизвесна и дека за да се успее во заедничката цел – подобри економски резултати, а со тоа и можноста бизнисот да ѝ се „оддолжи“ на државата, ќе треба сите да го дадат својот придонес.

Во овој контекст, можеби поважно од самиот износ на помошта за стопанството, е како таа ќе се искористи и дали е насочена онаму каде што ќе даде најдобри ефекти. Клиентелизмот кој се негува со децении кај нас, создаде една невозможна ситуација – плаќањето даноци да се смета за „луксуз“, а во исто време истите тие кои се жалат на високи давачки се меѓу најгласните во барањето помош од државата. Во една таква равенка, резултатот не може да биде добар.

Исто како што ефектите од која било помош за стопанството ќе исчезнат уште пред да може да се видат ако се замижува пред злоупотребите и не се практикува она што се подразбира под владеење на правото и правна држава. Може државата да истура пари колку што сака, но ако не се води сметка дали се искористени соодветно и ако не ги казнува оние што ќе го прекршат законот, поволен исход ќе има само за поединци, а не и за целата економија.

Нема едноставни, ниту пак лесни одговори во однос на очекуваните ефекти од петтиот пакет економски мерки, вели еден наш познат економист кој додава дека „бизнис заедницата е крајно истоштена, а владините институции веќе немаат маневарски простор за креирање политики кои многу би помогнале“.

Сепак, според прогнозите на сите релевантни институции, рецесијата не е опција оваа година. Во една од тие анализи се вели дека Македонија ќе се врати на нивото од пред пандемијата во средината на наредната година. Што значи закрепнувањето нема да оди толку лесно и брзо. Но, дали после се македонското стопанство ќе излезе повитално и поефикасно, ќе зависи од ефикасноста на реализирање на мерките, туку и од подготвеноста на компаниите да се носат со предизвиците на пазарот. Дури тогаш пораката на стопанствениците од пред една година ќе може целосно да се реализира.