Дали Црна Гора е подготвена за рушење на владата?


 

– За да се избере нова влада, мора некој да ја собори постоечката – порача денеска потпретседателот на црногорската Влада, и лидер на Граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ.

Тој на новинарите во парламентот, по седницата на Одборот за безбедност и одбрана, коментирајќи ја најавата на Демократскиот фронт дека ќе покрене иницијатива за избор на нова влада, рече дека го почитува станот на тој политички сојуз.

Абазовиќ рече дека УРА е тука ако треба да се седне и да се договара, додавајќи дека тој став на партијата и порано бил јасен.

– Добро би било да најдеме решение, да не губиме време – рече Абазовиќ, додавајќи дека не знае дали колегите се подготвени да одат на рушење на владата.

Инаку, претходно, лидерот на Нова српска демократија Андрија Мандиќ, рече дека дошол момент да констатираат дека поради Дритан Абазовиќ и премиерот Здравко Кривокапиќ завршуваат со фазата за разговор за реконструкција на Владата.

„Ние од денеска покренуваме избор на нова Влада и ќе им предложиме на партнерите дека бираме нова власт“, рече Мандиќ пред новинарите, додавајќи дека од денеска реконструкција на Владата не е опција.

Според него, и покрај вложените напори за решавање на политичката криза, тоа не се случило. Законите кои граѓаните ги очекувале и се важни за нив, не се изгласани.