Дачиќ: Забраната за влез во српските официјални лица во Косово е шлаканица и на ЕУ
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека одлуката на Приштина за забрана на влез на сите српски официјални претставници на територијата на Косово е без преседан и уште една шлаканица и на Европската унија и на меѓународната заедница.
-Ова што го направија властите во Приштина е потег без преседан и уште една шлаканица, не на Белград, туку пред сè на ЕУ и на меѓународната заедница, кои бесрамно молчат на кршењето на сите цивилизациски норми што со години ги спроведуваат Рамуш Харадинај и Хашим Тачи, изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.
Според него, со забраната Приштина практично сака уште повеќе да го изолира српскиот народ од какво било влијание на Белград.
Дачиќ оцени дека Приштина ова го сторила само два дена по потпишувањето на договорот меѓу Косово и Албанија, со кој двете страни „практично се обврзуваат на водење на заедничка надворешна политика”.
-Овој договор е арматура во темелите на “голема Албанија “, која без пречки се гради во срцето на Европа, додека во исто време на српските официјални лица им е забрането да се движат низ територијата на нивната сопствена држава”, рече Дачиќ.