Дац и Александар снимија женска верзија на „Уште ми фалиш“ – 32 дами „пеат“ и глумат во спотот (видео)
Пет години откако една од најпопуларните песни на дуото Дац и Александар, „Уште ми фалиш“, за првпат се слушна во етерот, по машката верзија, сега доби нова, женска верзија. Хитот во 2019 година освои второ место на „Макфест“.
Во оваа верзија на песната главни вокали се Билјана Ѓошева и Билјана Драгичевиќ Пројковска, а придружни Маја Гроздановска Панчева и Вера Јанковиќ.
Новата верзија доби и спот кој е снимен во Драмскиот тетар во Скопје, а во кој се појавуваат 32. познати и успешни жени: Зорица Каракутовска, Катерина Коцевска, Лејла Сабит, Вера Јанковиќ, Живкица Каленикова, Љубица Сека Георгиевска – Исмаил, Ангелка Пеева Лауренчиќ, Вера Мештеровиќ, Викторија Волак, Рисима Рисимкин, Виолета Томовска, Бедија Беговска, Дани Димитровска, Росана Сариќ Тодоровска, Јелена Жугиќ, Александра Мијалкова, Берта Додевска, Индира Кастратовиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Татјана Алексиќ, Маја Мојсова – Мијовска, Билјана Ѓошева, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Ана Бунтеска, Маја Гроздановска Панчева, Марјана Станојковска, Бисера Чадловска, Јасмина Кантарџиева Димков, Габриела Копачева, Дикси –женка германски овчар, Гордана Нацева и Маја Стојчевска Чапова.
Синоќа, во „Трибека кафе“ во опуштена и шегобијна атмосфера беше промовирана женската верзија со сите учесници од женската и машка верзија, а модератор на вечерта, беше Вера Јанковиќ. Пред присутните гости, Дац потенцираше дека ова е првпат во Македонија некоја песна да биде преработена на овој начин и да добие римејк на спот.
Дац и Александар видеото го објавија со пораката „13 ноември 2024 е денот кога жените го ослободија Скопје со љубов“.