Да те прашам Силјановска, право да кажеш…

ЕРОЛ РИЗАОВ

Како свои најголеми адути натпартискиот и непартиски кандидат за претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ги посочи личното професионално искуство, своите знаења од областа на уставното право, децениските искуства од компаративно проучување на проблемите на поделбата на власта. Тоа ќе ѝ овозможи да го коригира Преспанскиот договор со Грција и да го спаси трајно како непроменливо уставното име, да го промени Законот за употреба на јазиците, да ги среди меѓуетничките односи со неопходните измени на Охридскиот договор, да предложи уставни измени толку добри што ќе бидат усвоени во Собранието едногласно со аплаузи, и така со ред во правосудниот систем да воведе владеење на правото еднакво за сите.

Како тоа ќе го направи, Силјановска даде ингениозен одговор. Вели тоа ќе го постигне затоа што знае многу за политичките системи, за уставно право, ги знае односите меѓу трите власти, ги знае проблемите на судството. Сите тие знаења со нејзиниот силен ум и искуства ќе ги примени во пракса, што значи ќе ги спроведе во живот. Силјановска ќе направи уште многу крупни промени. Ќе отвори процес најспособните и најумните на патот до правна држава да бидат на функции. Вели, нема повеќе да ги бркаме од Македонија.

Нејсе, еве го моето прашање од насловот на текстот. Како тоа проф. Силјановска-Давкова вие ќе го направите името на државата да остане непроменливо, кога клучниот збор Македонија, никогаш не е променет, менувани се само додавките, и како ќе ја внесете земјата во НАТО и во ЕУ со вашите „уставни“ научни иновации кои никој не ги знае. Како ќе ги средите меѓуетничките односи со промени на законите на кои даде своерачен изим партијата чиј кандидат сте за претседател на државата. Или можеби мислите тоа да го постигнете со зголемување на правата на етничките заедници оти веројатно знаете до што води одземањето или скратувањето на веќе еднаш остварени права.

Како ќе воведете владеење на правото подеднакво за сите ако тоа не им успеало сиве овие години на Уставниот суд со врвни судии уставотворци, на Врховниот суд, на целиот правосуден систем со стотици судии, јавни обвинители, илјадници правници излезени од клупите на правните факултети дома и во светот, на плејада универзитетски професори, на тројца претседатели на државата, еден премиер, десетици министри, кои беа правници, познати и признати академици и претседатели на МАНУ со сите научни титули.

Проф. Силјановска, вие добро знаете дека голем број министри во сите сфери на управување и одлучување беа правници, почнувајќи од земјоделство до внатрешни и надворешни работи, од наука до правда, култура и образование, а меѓу нив бевте и вие. Македонија имаше претседатели на партии професори од Правниот факултет, меѓу кои и општопознати на бившите југословенски простори, кои први покренаа некои прашања за развој на демократијата, заштита на човековите права и слободи и владеење на правото. Со речиси целокупното македонско стопанство јавно и приватно управуваат, или се на клучни места правници како и во целата администрација, адвокатура, нотаријат… Се надевам дека нема да се навредите ако констатираме дека меѓу сите нив и во политиката и во науката и во судството и во економијата имало и има луѓе кои имаат силен ум, големо искуство од поделбата на власта, еминентни правници кои напишале томови книги, закони, устав и амандмани, меѓудржавни договори и да не набројуваме сè што означува функционирање на институциите на системот. Значи, станува збор за највлијателни јавни личности кои управувале или учествувале во конституирање на државата. Па како никој од нив не успеа ниту да воведе владеење на правото, не според европските стандарди, туку барем според нашите пишани закони, ниту пак да го спречи инсталирањето на режимот на Никола Груевски, на чии рецидиви сега вие сте кандидат кој ќе ја заврши најзначајната работа во земјата да воспостави демократски систем и владеење на правото. Мислам дека ни самите не верувате во вакво нешто.

Ако сите овие умни, учени и искусни луѓе, се разбира со променливи успеси, не успеале за првите 47 години на еднопартизмот да направат правна и демократска држава како што вие ветувате дека ќе направите за еден петгодишен мандат и тоа без овластувања и уставни ингеренции, ако од вторите 28 години на слобода и демократија 11 години имавме авторитарен режим и заробена држава, што беше големо враќање кај што никогаш не сме ни биле, чиј адвокат станавте вие во предизборната кампања за претседателско место, тогаш нели помислувате дека главниот проблем не е во правото и во судството и во законите и судовите, во уставот, туку во луѓето кои доаѓаат на високи функции и кои изградија систем со вградена фабричка грешка која од граѓаните направи инвалиди да не можат да ја препознаат иднината.

Професорке, вие се приклучивте на погрешната страна на историјата, на темната, застанавте зад луѓе кои се обвинети за злосторничко здружување против татковината и граѓаните, зад криминогени личности обвинети за корупција и криминал, за обид за убиства на пратеници и попречување на конституирање на Собранието по легитимни и веродостојни избори, вие веќе учествувате во попречување на правдата и во ограничување на независноста на судството и првите проблесоци на правдата по 11 години мрак и страв. Додавките натпартиски и непартиски на вашата кандидатура не можат да го исперат срамот на еден ваков обид да се дојде до претседателската функција.

Вие директно учествувате во оправдувањето на врвот на ВМРО-ДПМНЕ на сите злодела што ги направи груевизмот. Сите тие поразени анахрони сили во вас гледаат не само амнестија и индулгенција за големите гревови, туку и шанса да се вратат неказнето заедно со Македонија во балканската крчма и батак. Затоа не барајте правда за Македонија, туку правда во Македонија. Ако има правда во земјата, ќе има и од светот. Вашиот пораз на изборите ќе означи уште посилен продор на демократијата и владеење на правото, најмалку заради тоа што нема да бидете претседател, туку поради тоа што ќе биде поразено ВМРО-ДПМНЕ и раководството кое не собра сила да се извини за тортурите и нарушувањата на човековите права и слободи, за големиот грабеж, криминал и корупција, за крвопролевањето во парламентот.