Да се биде хит писател станува претешко бреме: Интервју со Александар Прокопиев, прозаист и есеист

Ете, дојдов до една од најважните доблести на есејот – слободата на мислата, без отстапки, без страв, вели Прокопиев, во интервју за „Независен“


 

„Во однос на пишувањето, авторот, во некоја смисла е метеоропат, односно прилично силно ја чувствувам разликата меѓу времето кога ја создавав книгата, преисполнето со мисли, преиспитувања и страст, и ова по издавањето, кога книгата си го продолжува своето патешествие, а јас, поспокоен и пообјективен, ја набљудувам од брегот, планирајќи го следното креативно патување“ вели за својата нова книга, „Трибун, Хронистерик, Номад“, писателот Александар Прокопиев, чија промоција во Скопје, во издание на „Арс-Ламина“ ја собра културната елита. 

Книгата е бележита во домашен, но и во поширок книжевен контекст, таа се чита и се „слуша“ во брзи, бавни, интимни и шегобијни слапови. Почнува, извира со амбициозна авторска класификација, лична номенклатура на книжевните дејци и заложби на трибуни (Гете, Толстој, Иго, Андриќ, Крлежа, Сартр, Конески…), хронистерици (Достоевски, Ниче, Вајлд, Паунд…) и номади (Чехов, Џојс, Виткаци, Шопов…), што се провлекува до крајот на книгата на повеќе нивоа, тече преку крајно интимни свиоци, дури и епистоларии; и истекува, т.е. се влева, во „книгите што ги нема“, во книгите што сме ги подзаборавиле, а се од суштинско значење за домашниот книжевен контекст: првите збирки раскази на Драги Михајловски, Јадранка Владова и Димитрие Дурацовски од доцните осумдесетти години на минатиот век.

Прокопиев (1953, Скопје) досега објавил дваесетина прозни книги – раскази, новели, есеи и еден роман – некои од нив се преведени на светските и балканските јазици. Во 2011 година за збирката бајки за возрасни „Човечулец“ ја доби угледната меѓународна награда „Балканика“.

Со голем ќеф петнаесетина години професорувал на пост-дипломските културолошки студии при Институтот за македонска литература, откако е во пензија сѐ уште радосно ги менторира и учи од докторантите.

На најновата книга есеи на Прокопиев ѝ претходеа „Дали Калимах беше постмодернист?“ (1994), „Патувања на сказната“ (1996), „Постмодерен Вавилон“ (2000), „Борхес и Компјутерот“ (2005), „Измислувајќи ја Европа“ (2014).

Зошто, да се наследи Конески, во овие услови, е неизвесно, и зошто глобалистичката денешнина е премачкана со геополитички џем, во продолжение на интервјуто.

Вашата книга „Трибун, Хронистерик, Номад“ е најавена како „широка, длабока и пловна есеистичка книга, на самиот раб помеѓу критичкиот и прозниот дискурс, што содржи десетина текстови со сроден тоналитет, подредени во три музички именувани циклуси Proeludium, Scherzo и Lento”?

Примамлива е оваа гостопримлива покана за евентуалниот читател, книгата е во книжарниците и ќе ѝ биде драго да биде присвоена оти во што е радоста на книжевниот текст ако не во дружбата со соучесникот читател? Што се однесува до овде присутниот автор, тој во однос на пишувањето, во некоја смисла е метеоропат, односно прилично силно ја осеќам разликата меѓу времето кога ја создавав книгата,  преисполнето со мисли, преиспитувања и страст, и ова по издавањето, кога книгата си го продолжува своето патешествие, а јас, поспокоен и пообјективен, ја набљудувам од брегот, планирајќи го следното креативно патување.

Така во тој сопствен „развоен временски стадиум“ би се навратил на точната најава дека „Т.Х.Н.“ е на „самиот раб помеѓу критичкиот и прозниот дискурс“, пред сѐ зошто ја содржи мојата љубов кон есејот како книжевност, како особен прозен жанр. Го сакам есејот низ неговата монтењовска лежерност во преплетот на личното со знаењето, на продлабочувањето на мисловните варијации што се потикнати од човечката заинтересираност и блискост. Есеистите како Ман, Вирџинија Вулф, Јурсенар, Цвајг, Набоков ми се омилени затоа што се мајстори на пишаниот збор, врвни прозаисти, но токму и поради тоа, владеат го книжевниот облик на есејот со предаденост и уживање.

 

Иако кажавте дека книгата „Трибун, Хронистерик, Номад“ е „завршена работа“, вашата љубов кон есејот продолжува.  

Да, мене лесно можат да ме заскокоткаат разговорите за литературата, уметноста, за креативниот чин воопшто, без оглед дали читам, работам пред компјутерот или муабетам во кафуле. Често, и пред да заспијам, мислите ќе ми се отшетаат до работ на креветот, се лизгаат меѓу себе со восхит, нежна иронија, со замисла, но сите се тука, пред сонот, како во есејот! Ете, дојдов до една од најважните доблести на есејот – слободата на мислата, без отстапки, без страв.  

А како тие мисли пристигаат во вашата литература?

Понекогаш да, но почесто остануваат неразработени во текст. Што сонувам и што ми се случува?, како би рекол Иво Андриќ. Еве, додека го водиме разговорот, заскита помисла што инаку не влезе во книгата, но може да остане забележана во разговорот. Се прашувам како можат да бидат претставени ликот на Трибунот, Хронистерикот и Номадот на филм.

Како?

Па, ми се чини дека најлесно би се снашол Номадот, а и снимени се филмови во кои Молиер, По, Вирџинија Вулф, Лорка, Хенри Милер добиле улога на филмското платно. Секако, „дотерани“ според правилата на филмската индустрија. Се чини нивните флуидни животни судбини, во согласност со нивната исто така немирна книжевност, се податливи за екранизирање. Што се однесува до Хронистерикот, мислам дека личностите на Достоевски, Ниче, д’Анунцио или Паунд со своите демонски, контраверзни, трагични особности би биле инспиративен поттик за режисери склони кон внатрешни понирања. Судбината, делото и ликот на Трибунот во филмот бараат поподигната, посвечена нагласка со оглед на неговата важна функција во градењето на националната самосвест.  

 

Интересно. А како ги согледувате местата на овие три категории автори во денешно време?

Во глобалистичката денешнина премачкана со геополитички џем?  За Трибуните, чие „встоличено дејство врз современата култура и јавност“ е прилично поограничено од она во минатото, станува сѐ потешко да се изборат за својата позиција. Освен кај оние литератури  што се сѐ уште оптоварени со својата недокажана национална преокупираност, како на пример на јужнобалканските, каде битката за трибунството е силна, барана, но да се наследи Конески, во овие услови, е неизвесно. Хронистеричките писатели, пак, во овие времиња невремиња се намножија, неговиот полемички, саркастичен нагон, неговата дирекност легнуваат на вистинска почва. Номадите писатели ги има, и тоа во широк распон, од иноватори до театрални маргиналци.              

 

Ви поставувам тешки прашања. Сега, ова сончево пладне…

 … би можеле да разговараме во паркот или на Водно. Иако таму сѐ поретко се качувам. (се смее). Ова го реков во преносна смисла, иако и буквално е точно. На секој писател, уметник, човек, неопходен му е слободен ментален простор за да ги движи мислите, имагинација низ поширок хоризонт. И кога создава полесно да скокне внатре, во својата творба.

 

А популарноста?

Човечкото суштество не се откажува од неа, дури и ако е човекомрзец. Но во литературата, напорот да се биде хит писател често станува претешко бреме за квалитетот на напишаното. И тоа важи за сите три категории писатели, каде наспроти сјајните автори, има цела дузина самоубедени просечни… Но интересно е како би одговорил писател Трибун дали неговите дела ќе се читаат во иднина. Без лажна скромност би кажал дека неговата намера е тие и понатаму да влијаат врз свеста и совеста на читателите. Писателот Хронистерик тоа би го образложил многу понервозно, но со сличен заклучок: неговите дела ги поттикнуваат да ги видат работите такви какви што тие не се спремни да ги видат и да ги избистрат нивните ставови. Сега и понатаму. Кај писателот Номад одговорот би бил поколеблив, покорективен: ако се случи моите творби да се прифатат, да се засакаат и по мојот живот, тоа за мене би бил пожелен индивидуален избор.  

А вие, во која од трите категорија припаѓате?  

Ќе одговорам индиректно, на едно ваше можно, но непоставено прашање. Што би сакал да биде моето следно дело? Па имам намера да пишувам детективска научно-фантастична проза. Па заклучите на која категорија сум ѝ најблизок!  

 

Во последното поглавје од книгата, насловено како „Lento“, пишувате за првите прозни книги на Јадранка Владова, Драги Михајловски и Димитрие Дурацовски. Зошто токму за овие автори?

Во музичката фразеологија „Lento“ означува бавен музички темпо, исполнет со присна, чувствена нота. Сакав во овој своевиден омаж на трите мајстори на раскажувањето „во младоста“, освен примарната, книжевна димензија, да ја начнам човечката, пријателска постојаност во нашите односи, во која со секого, според нивниот индивидуален емотивен темперамент, имав впечатливи мигови на дружење. Инаку мотивот на корицата е преземен од сликата на Дурацовски „Во чест на Шејка“.  

 

Познат сте како прозен писател, но пишувате и за деца. Има ли разлика?

Од време на време. Но пишувам и хаику, сценарија за анимирани филмови, а сум создавал рокенрол, алтернативен театар, односно, да одговорам на вашето прашање, учествувам во секој креативен предизвик што го храни и го почитува детето во мене.