„Да не сакате некое друго пумпање“: Иван Стоилковиќ погрдно кон Мартин Костовски


 

„Напумпамо ве на избори. Да не сакате и некое друго пумпање? Затвори чекав …“, напиша вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците на Фејсбук, коментирајќи го статусот на организацискиот секретар на СДСМ, кој јавно ги поддржа студентските протести во Белград со порака „пумпај”

Вицепремиерот Иван Стоилковиќ, денеска премина една етичка граница во политиката, погрдно обрќајќи му се на организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.

Костовски, на својот приватен Фејсбук профил пред големиот протестен собир на студентите во Белград, објави порака со еден збор – „Пумпај“, слоганот што сите го користат за време на протестите во Србија.

Стоилковиќ реагираше како да е обврзан да ги заштити српските власти и претседателот Александар Вучиќ, па направи принтскрин од статусот на Костовски и го сподели на својот приватен Фејсбук профил со коментар:

„Напумпамо ве на избори. Да не сакате и некое друго пумпање? Затвори чекав…“

На покана на Стоилковиќ неодамна во Скопје на празникот Свети Сава беше претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кого судот во Босна и Херцеговина го осуди на една година затвор поради поткопувањето на основите на државата, а остро предупредување до него испрати и администрацијата на Трамп. На академијата во Скопје беа и уште неколку српски министри, како и српскиот патријарх Порфириј.

Ова е втор инцидент со погрдни зборови што го кажуваат министри во владата. Претходно, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, од собраниската говорница ја навреди пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, префлајќи ѝ што немала деца.

Реагираше СДСМ оценувајќи дека зборовите на Стоилковиќ биле „шокантни навреди“.

„Пораката кон Мартин Костовоски од страна на Стоилковиќ и прашање дали сакал да го ‘напумпа’, е скандал и демонстрација на врвен простотилак од страна на високиот владин функционер. 

Ова ниско ниво на комуникација и закани на вицепремиерот е доказ за безобразието и злобата на претствниците на власта која се демонстрира кон опозцијата. СДСМ бара итно оставка од Стоилковиќ по овој скандал, доколку самиот не се повлече Мицкоски мора веднаш да го разреши. 

Го прашуваме Мицкоски дали тој се согласува со ваквата изјава на Стоилковиќ и дали ја оправдува? Дали ова е новото нормално во комуникацијата на владините функционери и дали овие закани и навреди стануваат секојдневна пракса?“, вели СДСМ.