Д-р Софијанова ги вратила сите исплатени средства на Детската клиника
Пред да даде отказ, поранешната директорка на Детската клиника д-р Аспазија Софијанова и ги вратила на Клиниката сите исплатени средства, информираше министерот за здравство Беким Сали во одговор на новинарско прашање на денешното одбележување на Светскиот ден на предвремено родени бебиња.
Директорката на Детската клиника заедно со директорот на Клиниката за Онкологија, д-р Нино Васев минатиот месец поднесоа оставки, откако во јавноста излегоа информации дека си исплаќале високи додатоци за дежурства и прекувремена работа.
Сали: Ќе бидат надминати пречките со терапијата за пациентите со рак
Државата треба да се грижи за навремено снабдување на терапија за пациентите на Клиниката за онкологија, имајќи предвид дека се работи за оноколошки пациенти кои се осетливи на терапијата. Тоа е една од причините зошто побарав оставка од претходниот директор, вели министерот за здравство Беким Сали во одговор на новинарско прашање за тоа кога ќе пристигне терапијата за рак.
– Со новата директорка сме во комуникација за надоместување на таа празнина и временски не можам да прецизирам бидејќи не сум вклучен во набавката на лековите, но сум оптимист и очекувам да бидат надминати овие пречки, посочи министерот Сали.
Во делот на набавка на лекови, истакна дека сè уште не се зборува за нивна централизација.
– Знаете дека ретките болест се третираат со централна набавка, опремата е централизирана, а секако и инсулинот се купува централизирано, знаејќи дека мора да биде покриена цела држава и да нема пропуст, истакна тој.
Додаде дека сè уште нема одлука за централизирање на набавките. Но, од финансиски аспект е подобро бидејќи овозможува централизирана набавка на годишно ниво и со динамика на плаќање на обврските од Министерството.