Д-р Пановски во одбрана на директорот на СОУ „Орце Николов“: Ќе ги поништите и свидетелствата?


Фото: Б. Грданоски

По одлуката за разрешување на директорот на скопската гимназија „Орце Николов“, Митко Димовски, денеска на седницата на Советот на Град Скопје, советникот д-р Никола Пановски, праша како може да се менува директор за неправилност од 2022 година и дали тоа значи дека ќе се поништат сите сведителства издадени од тогаш, а ги потпишувал токму тој директор.  

„Значи три саата слушаме работи кои ни ја навредуваат интелигенцијата, меѓутоа ова беше врв.Вакво образложение навистина не доликува. Знам дека ви е наредено да го кажете и дека се срамите од ова сигурно. не е ни прв пат, службите да се во таква состојба. Значи разбрав дека пред пет години, пред три години бил конкурсот?! За што зборувате вие? Што поништивте вие? Како може по три години да… си има рок за жалби итн. Свршена работа. Што поништивте? Кој бил директор три години? Кој носел акти досега? Тие нема да ги поништите? И сведителствата на децава, по ваша памет, треба да ги поништите. Ниту е директорот крив за ова, ниту децата што ги оставате без еден стручен, одговорен човек кој има позитивни резултати во работењето и сите го сакаат. Какви образложенија се овие, навистина? Имајте малку доблест до нас. Кажете јавно, се скарал со градоначалник, не знам што, не послушал некоја наредба нешто не направил, згрешил. Дошла инспекцијата кажува, 22-ра. Кој век 22-ра? Може 1922 или оваа? Па сме имале вакви случаи и за претседатели на држава, па не ги поништувале. Се направило некој пропуст, меѓутоа ако не се жалите на време, се кажува изборна комисија или кој, дека тоа е готово, завршена работа. не може сега да ви текне, од разни побуди“, рече д-р Никола Пановски, советник во Советот на Град Скопје.

Претходно, претставничка на службите од Градот ја образложуваше одлуката за смена на директорот на ова скопско средно училиште, односно го прочита соопштението кое пред неколку дена беше лиферувано до медиумите, откако учениците од ова училиште, протестираа за да им се врати директорот. 

Просветен инспектор на 26 и на 27 февруари годинава извршил вонреден инспекциски надзор во скопската гимназија „Орце Николов“ во однос на спроведувањето постапка за избор на директор на училиштето, па според затекнатата состојба, констатирано било дека училиштето спротивно на законските и подзаконските акти ја спровело постапката за избор на директор на училиштето. Била направена суштествена повреда на постапката на Училишниот одбор и погрешно било применето материјалното право при изработката и објавувањето на јавниот оглас.

Инаку, професори од гимназијата „Орце Николов“ предупредија за злоупотреби од разрешениот директор Митко Димовски и кои испратија итна претставка до градоначалничката Данела Арсовска од која побараа да испрати инспекција по допрен глас.

„Во преамбулата на јавниот оглас за избор на директор на училиштето со дел. број 02-378/5 од 02.09.2022 година кој бил објавен во 3 (три) дневни весници и тоа „Нова Македонија”, „Слободен печат” и „Лајме” на ден 05.09.2022 година, Училишниот одбор се повикува на Член 89 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” број 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 06/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17, 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 229/20), а истата законска одредба се однесува на државните средни училишта, а СУГС Гимназија „Орце Николов” – Скопје е средно училиште на Град Скопје“, образложуваа од Град Скопје.

„Во условите во објавениот јавен оглас било наведено кандидатите да имаат педагошка, психолошка и методска подготовка на соодветни факултети, а истиот услов не е предвиден во Член 91, став (2) од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” број 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 06/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17, 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 229/20). Овој услов отворил дилема и ги ставил во нерамноправна положба кандидатите коишто се стекнале со факултет со наставна насока да можат да аплицираат на истиот јавен оглас. Условот за педагошка – психолошка и методска подготовка требало да биде наведен со забелешка дека се однесува само за лицата коишто се немаат стекнато со наставна насока и тоа само во делот 2 – потребна документација. Во условите во објавениот јавен оглас било наведено дека кандидатот треба да ги исполнува условите за наставник, педагог или психолог во средно училиште, но во документацијата не било побарано доказ за истото освен Диплома / Уверение за завршено високо образование и Уверение за државјанство. Училиштето не ги побарало и  останатите услови предвидени во Член 3, став (1) и Член 39, став (1) од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/19), како што за наставници се: положен стручен испит по истекот на приправничкиот стаж и познавањето на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и како што за стручните соработници (педагог и психолог) е познавањето на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“, рекоа од Град Скопје.

По дискусијата, Советот го задолжи градоначалникот да достави писмено образложение за разрешувањето на директорот на ова училиште, кое е под надлежност на Град Скопје.