Цветановски: Кога не работи академската свест, ќе треба законски да се поттикне
На Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола попладнево ќе се одржи јавна дебата за Предлог-законот за високо образование, на која ќе учествуваат наставно-научниот кадар од Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и од Универзитет „Св. Апостол Павле“ – Охрид.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска на прес-конференција изјави дека е задоволна од првата јавна расправа со државните универзитети, која завчера се одржа на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, нагласувајќи дека професорите слободно дискутирале за одредбите од законот.
Сепак, таа нагласи дека ќе се разгледуваат исклучиво аргументирани и издржани забелешки и дека нема да се прифаќаат оние што се под нивото на академска дискусија, посочувајќи конкретен пример од досегашната јавна расправа.
– Се случи еден професор на еден универзитет да праша зошто би бил потребен критериумот присуство на меѓународни конгреси, симпозиуми и други манифестации и праша кое би било фајдето на студентот ако професорот оди на вакви меѓународни собири. Мислам дека академското ниво треба да биде многу повисоко за да можеме да поставуваме вакви прашања. Ова прашаење не може да биде тема на дискусија во академска заедница и со ваквите прашања законот и дискусијата на министерот и на работната група во иднина нема да се занимава. Затоа што прашањето дали науката и образованието ќе имаат корист од вмрежувањето со странски универзитети, со странски професори, кои се на високо ниво, не е тема на дискусија. Ќе ги дискутираме оние членови на законот кои тие сметаат дека се проблематични за нив и на тие можеме да се приспособуваме. Јавната расправа е уште отворена и затоа и се прави – за да ги слушнеме сите аргументирани забелешки – истакна Јаневска.
– Државава Македонија нема време за потпросечни, па и просечни и ретки добри резултати. Ние мора да го држиме чекорот со регионот и светот, инаку сè повеќе деца ќе ни се иселуваат и сè повеќе деца ќе даваат придонес во други држави. Една од причините зошто младите се иселуваат е и тоа што бараат поквалитетно образование. Направени се доволно напори за преку овој закон да се исполнат повеќе критериуми кои ни се неопходни за поголема видливост на универзитетот и на професорите. Законот бара и научно-истражувачка работа, и промена во студиските програми, но не со мешање во автономијата на универзитетот, и поголема законска контрола преку законот за квалитет во високото образование и вмрежување со странски универзитети и во разни алијанси, и двојни и заеднички дипломи… Ако имплементацијата оди добро, за неколклу години ќе имаме видлив пораст на квалитетот и покачување на нашите универзитети на ранг-листите – рече Јаневска.
И Гоце Цветановски го поддржува законот во целст. Смета дека за да се доближиме до Европа, треба менталитетот одвнатре да ни се промени.
„Начинот на функционирање треба да ни се промени. Зарем јас треба да читам закон за да објавам капитално дело, Зарем сите научни работници треба постојано да бидат под проитисок? но, кога веќе не функционира поинаку, не работи академската свест и совест, тогаш ќе мора да биде поттикната и на овој начин“, смета Цветановски.