Цветанка Ласкова: Мандатот ми заврши пред една година, потребна беше свежа крв
Довчерашната „прва жена“ во Социјалдемократскиот сојуз, Цветанка Ласкова тврди дека нејзиниот мандат во Форумот на жени завршил уште пред година и половина, така што не чувствува лутина и гнев што нејзиното име влезе во комплетот разрешени функционери во неделната седница на Централниот одбор. Таа вели дека останува активен член и советник за култура на премиерот Зоран Заев, место на кое таа смета дека може повеќе да даде отколку да биде министер за култура.
„Јас бев координатор, како што гласи функцијата, во Форумот на жени речиси девет години. Последниот мој мандат заврши пред година и половина и постојано разговаравме со претседателот Заев дека треба да назначиме нова координаторка. Во меѓувреме, беше потребно да се подготови и реализира конкурс за координаторки во сите организации на Форумот низ земјава што е обемен процес, дојдоа избори, референдум, па помина времето, а јас останав на чело на организацијата. Така што одлуката од неделата не беше изненадување. Сметам дека секогаш треба освежување, нова крв, затоа што на почетокот сте полни со идеи, правите проекции, работите, а потоа тоа некако стивнува. Што се однесува до мене, останувам членка на Форумот, ќе ѝ помагам на наследничката да ги довршиме започнатите проекти. Лично, задоволна сум од сработеното, еден од резултатите е што издејствувавме во изборниот законик да влезе оти барем 40 отсто од кандидатите да бидат жени, а се надеваме оти во иднина ќе стигнеме половина – половина“, коментира Ласкова за „Независен весник“.
Таа се споменува како еден од кандидатите за министер за култура по повлекувањето на Асаф Адеми. Но, Ласкова нагласува оти таа пред сѐ е оперативец и оти подобро би се снашла на местото каде што е сега – посебен советник за култура во канцеларијата на премиерот.
„Благодарејќи на годините и искуството што го имам, допридонесувам многу повеќе отколку кога би била министерка. Секојдневно сум зафатена со подготовка на новите закони за култура, стратегиите, координација со вработените во министерството, каде иако во моментов немаме министер, работите функционираат вообичаено. Работиме и на новиот модел за финансирање на проекти од национален интерес, бидејќи се покажа оти сегашниот е полн со аномалии“, нагласува Ласкова.
Нејзиното име беше поврзувано и со минатогодишното контроверзно доделување државни грантови, во кои нејзината снаа за син стана добитник на 330.000 евра. Јавноста беше гневна, затоа што беше откриено оти фирмата на снаата биле формирана четири месеци пред доделувањето на грантовите од Фондот за иновации.
„Сакам да потенцирам дека јас немам никаков пристап во креирање на економските политики на владата од ниту еден аспект, а најмалку во доделување на државната помош. Јас не сум именуван функционер, туку службеник-советник кој извршува професионални работни задачи исклучиво во областа на културата. Укажувам дека ниту некогаш сум била инволвирана во професионалните ангажмани на членовите на моето семејство, ниту имам намера во иднина да бидам вклучена, ниту пак сум била запознаена со повиците за грантови на Фондот и со одлуките кои комисијата на тој Фонд ги донела. Ги повикувам надлежните институции, да се изјаснат доколку постои какво било нарушување на процедурите или пак конфликт на интерес поврзан со мојот професионален ангажман“, реагираше Ласкова.
Горан Адамовски