Цветан Панделески куртули во „Империја“, повлечено е обвинението за него


 

Еден од најкомплексните предмети на поранешното СЈО, случајот „Империја“ е на пат на целосно распаѓање откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во декември 2025 година го повлекло обвинението против бизнисменот Цветан Панделески, пишува „Призма“. Информацијата ја потврдил Кривичниот суд во Скопје.

Обвинението го повлекол обвинителот Фатон Азизи. Тој во доказната постапка оценил дека нема докази оти Панделески перел пари и измамил 150 акционери на „Бетон Штип“.

Според обвинението, парите стекнати со измама биле префрлани преку заеми за да се прикрие нивното потекло. Еден од сведоците, кој бил сопственик и управител на фирмата што се офајдила, ги пренел парите на три фирми и еден човек. Својот удел во фирмата го префрлил на трите фирми. На крајот, парите биле исплатени како дивиденда, а фирмата била префрлена на офшор-компанија од Белизе, а потоа  ликвидирана.

„Империја“ е еден од најголемите случаи на поранешното СЈО. Освен за Панделески, постапка се водеше и против штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и брокерот Јованче Тасковски.

Митровски призна вина и доби условна казна. Тој и фирмата опфатена со обвинението, во буџетот требаше да вратат милион и пол евра. Но, по измените на Кривичниот законик од 2023 година и одлуката на Апелацискиот суд во Скопје за укинување на првостепената пресуда, обвинителството го повлече обвинението за Митровски и во еден дел за Панделески.

Обвинителот Азизи, кој го наследи предметот во текот на доказната постапка, утврдил дека не може да опстои ниедно од двете дела за Панделески.

За повлекувањето на обвинението било разговарано на колегиум пред јавните обвинители на 10 декември, а согласност дал и тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски. По два дена, на 12 декемри обвинението било повлечено.