ЦУК: Прв координативен состанок за справување со змии


Вчера во Центарот за управување со кризи (ЦУК), директорот Стојанче Ангелов, одржа Координативниот состанок на тема „Загрозување по животот и здравјето на луѓето од зголеменото присуство на змии во урбаните средини”, на којшто присуствуваа претставници од Министерство за внатрешни работи и од Зоолошка градина Скопје, а и високи претставници од Центарот за управување со кризи.

Инаку, на седницата иако беа повикани, не присуствуваа претставниците од Министерство за животна средина и просторно планирање, од Министерство за здравство и од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На почетокот, од директорот Ангелов, беше истакнато за зголемениот број пријави за змии во државата, како фактичка состојба, што индицира соодветно превентивно да се реагира од државните структури што се во допир со таа тема.

Претставниците од Зоолошката градина Скопје информираа дека доброволно во рамки на можностите понекогаш помагаат за безбедно отстранување на змии и тоа го прават за доброто на граѓаните, при што посочија дека корисно би било на идната координативна средба да се викнат претставници и од невладиниот сектор, конкретно од Македонското еколошко друштво (МЕД), („херпатолози“), за да направат стручна експертиза. Напоменаа и дека во Град Скопје нема за сега случаи на опасно повредени или загинати лица од отровни змии, што е во домен на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.

На конструктивната средба стана збор и за работите коишто се, како и во другите современи земји поврзани со лиценци или дозвола за заловување на примероци од див свет, како се заловува дивото животно, а и начин и места каде што потоа живо и безбедно се пушта на слобода во природата или друго одредено место, согласно специфични случаи. Тоа беа прашања што се во сферата на проблематика на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање, коишто, според информациите, во буџетот треба да издвојува финансиски средства за обука, за теренска акција и секако едукација за справување и запознавање на диви животни.

Инаку, на Координативната средба беше посочено дека темата е пожелно да се споделува и преку соработка со медиумите, бидејќи токму медиумите во многу нешта ја покажуваат нивната голема општествена одговорност во сферата на подигање на општествената свест и безбедноста на граѓаните и едукативно дејствуваат на поширока основа во општеството.