Црвениот крст прибира помош за евакуираните во Кичево


Поројните врнежи од дожд и зголемениот водостој на реките предизвикаа поплави на населени места и плодни површини во Кичевскиот регион. Поплавите предизвикаа материјални штети, кои непосредно го погодија населението во Кичево. Евакуирани се околу 110 лица од загрозените подрачја.
Црвениот крст на Македонија Општинската организација Кичево, во соработка со Општина Кичево, во изминатите 24 часа обезбеди итна хуманитарна помош за евакуираното население. Обезбедени се душеци, ќебиња, креветчиња, облека, храна, вода, хигиенски средства, како и топли оброци.


На терен активно се ангажирани волонтери на Црвбениот крст, со потребната техничка поддршка, кои постојано ја следат состојбата и одговараат на потребите на населението.
Дополнително, сите заинтересирани граѓшани и компании може да донираат парична помош на сметката на Фондот за солидарност на Црвен Крс – 300000001327966 ДБ 4030984271620 – комерцијална банка, со назнака – помош на настраданото население во кичево, со цел обезбедување дополнителна поддршка во анредниот период.

„Под будно око ја следиме состојбата, додека сите релевантни субјекти и општествено одговорни фирми се активни и на терен. Доставувањето на храна се одвива непречено и исклучиво преку Општина Кичево, во координација со Црвениот Крст – Кичево.
Апелирам уште еднаш на смиреност, солидарност и одговорност, бидејќи во овој момент најважно е здравјето на луѓето. Веднаш штом ќе се создадат услови, ќе дејствуваме со конкретни мерки, за ваквите појави бидат доведени на минимум“, порача градоначалникот на Кичево д-р Александар Јовановски.  
 
Тој информира дека, поради настанатата состојба со обилните врнежи жителите кои се засегнати од поплавите се времено сместени во спортската сала, која за среќа располага со соодветно греење.
 
 
„Донесовме одлука да се врши редовна дезинфекција, со цел да се спречи потенцијална опасност од ширење на зарази. Во таа насока ќе бидат ангажирани и хигиеничарки, за одржување на хигиената и чистотата. Сите служби се активно вклучени, ТППЕ Кичево, ЈКП Комуналец и сите субјекти. Воедно, на наше барање ЈЗУ „Општа Болница“ – Кичево, два пати дневно да доаѓаат медицински тимови кои ќе вршат здравствени прегледи на сместените жители. Наш приоритет во овој момент е зачувување на здравјето, редот и безбедноста на сите граѓани. Сакам јасно да нагласам дека овој проблем мора да се реши без разлика за кого станува збор, независно од етничката припадност или која било друга заедница“, вели Јовановски.
 
Свесен е дека станува збор за долгогодишен проблем, односно речното корито се излева како последица од тоа што не е чистено со години наназад, за таа цел ова не смее повеќе да се одложува.
 
„Што се однесува до инфраструктурниот проблем во регионот кај ул. „Прилепска“, веднаш штом ќе се создадат услови за безбедна работа, ангажирана механизација ќе пристапи за чистење на речното корито и изработка на насип. Паралелно со тоа, ќе се пристапи кон трајно решавање на проблемот и обезбедување соодветни услови за сместување“, вели Јовановски.
 
 
Кризниот штаб ќе формира комисија за проценка на штети, откако ќе се повлече нивото на водата и ќе може безбедно да се пристапи на терен тие веднаш ќе го сторат истото.
 
 
Од Скопје се очекува пристигнување на поголема количина дополнителна опрема, душеци и кревети, за кои се очекува да бидат доволни за потребите.(Б.Б.)