Црвениот крст крст му додели медал, а Царината плакета на Мицкоски


 

Минатата недела Црвениот крст на Македонија му додели медал на премиерот Христијан Мицкоски како симбол на благодарност за неговата заложба за поддршка на хуманитарната мисија на организацијата. Во Црвениот крст Мицкоски најмногу разговараше за хуманираниот одговор на трагедијата во Кочани. Најдобро е да се биде до политиката, па Црвениот крст ја прескокна организацијата „Сапорт Кочани“ која направи најмногу за поддршка на повредените од дискотеката „Пулс“ и за семејствата на загинатите, но се одлуќи за премиерот.

Денеска Мицкоски отиде во Царинската управа на настанот „Една година резултати“ каде што Управата даваше отчетност за сработеното во изминатата една година. И овде Мицкоски доби признание: Царинската управа му додели плакета во знак на благодарност за поддршката и заложбите за соработка.

Мицкоски зборуваше и за тоа колку успеси постигнала владата во изминатава година.  „За една година со напорна работа, визија и домаќински пристап ја враќаме државата на нозе, дел по дел, институција по институција, систем по систем. Граѓаните го препознаваат новиот пристап. Знаат дека не ветуваме чуда, дека напорно работиме секој ден за да изградиме систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда, отчетност и еднаквост“, рече премиерот во обраќањето. Резултатите од работењето ги соопшти директорот на Царинската управа Бобан Николовски, а се обрати и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека владините партнери се подготвуваат да си помогнат едни на други на локалните избори.

Преговорите со коалициските партнери се во тек и се движат во одлична насока, нагласи Мицкоски, зборувајќи за преговорите со ЗНАМ и можноста за заеднички кандидати во некои општини на претстојните локални избори. 

„Преговорите со политичките партии се во тек. Сите политички партии кои се дел од нашата внатрешна коалиција се приоритет и тие се во тек, се разговара. Очекувам коалицијата да биде потврдена, а потоа ќе продолжат преговорите со владините партнери. Во овој момент мислам дека се движат во одлична насока“, рече Мицкоски.

Прашан дали се водат преговори за заеднички кандидати во Центар и Куманово, тој одговори дека кога ќе има повеќе детали ќе излезат во јавноста со информација.