Црвен метео-аларм во Бугарија и Романија

Обилните дождови продолжуваат да ја погодуваат Бугарија, предизвикувајќи затворање на патишта и прогласување црвен метео-аларм во неколку региони. Поради невремето, 51 населено место останаа без електрична енергија.
Надлежните тела вршат интензивен надзор на сите мостови и инфраструктура кои се потенцијално загрозени поради поплавите, објави бугарскиот портал „Новините“. Локалните власти предупредија дека секоја ризична област веднаш ќе биде затворена. До граѓаните е упатен повик да бидат претпазливи, да ги избегнуваат патувањата и да ги следат насоките на надлежните служби.
Бугарскиот Национален институт за метеорологија и хидрологија издаде црвен метео-аларм, што е највисок степен на предупредување, за осум региони каде што се очекува повеќе од 65 литри дожд на метар квадратен. Истовремено, надлежните соопштија дека Бугарија ќе побара помош од европскиот Фонд за солидарност за погодените подрачја поради настанатите штети.
Во меѓувреме, метеоролозите во Романија денес го продолжија црвениот метео-аларм поради најавените обилни врнежи во пет окрузи и главниот град Букурешт, со потенцијал за врнежи до 140 литри на метар квадратен.
Според последното предупредување од романската Национална метеоролошка администрација (АНМ), од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат силни дождови во неколку окрузи, објави романската новинска агенција Аџерпрес. Количината на врнежи може да достигне од 80 до 100 литри на метар квадратен, а локално и од 120 до 140 литри на метар квадратен, во кратки временски периоди или како вкупни врнежи.