Црвен килим за „Нешто слатко“ во „Синеплекс“: Сашко и Јелена ќе ве насмеат до солзи

Скопје со црвен килим ќе ја пречека премиерата на романтичната комедија со Јелена Јованова- Периќ и Сашко Коцев „Нешто слатко“ на 6 мај, в сабота, во „Синеплекс“


Скопје со црвен килим ќе ја пречека премиерата на романтичната комедија со Јелена Јованова- Периќ и Сашко Коцев „Нешто слатко“ на 6 мај, в сабота, во „Синеплекс“.

Во Љубљана премиерно беше претставена уште во февруари под наслов „Nekaj sladkega“ (Нешто слатко). Филмот е во режија на стенд-ап комичарот Тин Водопивец, Јелена Јованова ја толкува главната женска улога – Каја, а Сашко Коцев, се потпишува и како копродуцент и косценарист заедно со Уршка Мајдич.

Медиумите денес присуствуваа на прес-проекција и конференција во „Синеплекс“, заедно со Сашко Коцев и режисерот од Словенија, Тин Водопивец. Актерката Јелена Јованова- Периќ, која со семејството живее во Загреб, Хрватска, се очекува да пристигне во Скопје, в петок, пред гала премиерата. 

’Нешто слатко’ е романтична комедија. Тоа е филм полн со пресврти и забавни заплети. Кариерата на организаторката на маркетинг конференција виси на конец кога нејзиниот главен адут, маркетинг гуру од Македонија, го пропушта својот лет. За да избегне катастрофа, таа го заменува со локален слаткар кој изгледа исто како него…“.
Комедијата ќе ве насмее до солзи, со изненадувања и пресврти кои не ги очекувате, со извонреден кастинг од регионот. 

Коцев, харизматичен и шармантен, посочи дека ова е филм за човековата прва и последна шанса во животот, како и дека Водопивец, со кого имаат настапувано на многу стендап настапи во Скопје, Белград, Хрватска, Словенија…, му е пријател повеќе од десет години. Токму по негова сугестија и Јелена Јованова -Периќ станала дел од филмот.

„Некако и мене ми требаше поддршка во таа средина во која никого не познавав. Во тој психолошки несигурен простор ми требаше личност што ме знае целиот мој живот. Со Јелена сме поминале и добро и лошо, плус таа живее во Хрватска. Буквално тимот стана како Југославија во мало. Јелена веднаш се нафати и многу се радувам поради тоа“, изјави Коцев денес на проекцијата за медиумите. 

Режисерот Водопивец, кој глуми во филмот полицаец, денес потенцираше дека само Сашко Коцев го имал на ум кога го пишувал сценариото, кое подоцна заедно го доработиле, заедно со  Уршка Мајдиќ, која глуми во филмот полицајка.

Дел од екипата на снмимањето на филмот во Љубљана

– За жал, комедијата морала да претрпи многу промени поради ограничениот буџет. Доста инвеститори се откажаа, а филмот немаше пари од Словенечкиот центар за филм, кажа режисерот.

Филмот се снимал во 2021 година среде пандемијата со коронавирусот. Се разбира и тие морале да почитуваат правила за протоколи, вакцини и слично. Коцев се сеќава на една анегдота, кога додека снимале во хотелот „Радисон блу“, кој е и спонзор на филмот, му се јавила директорката на хотелот дека инспекција проверува кој е вакциниран.

Познатат актерка Зинаида Дедакин глуми во комедијата

– Во екипата на филмот бевме 45 луѓе, а од нив само тројца бевме вакцинирани. Како стигна информацијата, сите прелетаа нагоре на кровот во една просторија и се заклучија. Беше многу забавно за време на снимање иако морам да признаам, Словенците се многу поразлични од нас, учтиви се и многу одморени во своите емоции. Ја гледате почитта, ама емоциите тешко излегуваат надвор. На пример, во една прилика возев 20 часа, бев изморен и одам да ги видам целиот еуфоричен, а тие ми се свртеа и ми велат: Еј здраво, стигна? Добре дојде. Изразните средства се различни. Ама филм кој има најмал буџет, секогаш заради максималната креативност и фантазија, на крај испаѓа добар, рече денес Коцев.
Тој и режисерот Водопивец се надеваат дека филмот ќе ѝ се допадне на публиката, кој од 6 мај ќе биде на репертоарот на „Синеплекс“ и во кината низ Македонија. (Л.С.)