Црквата во Галате ги скара ВМРО-ДПМНЕ со Македонците


Црквата во Галате ги скара ВМРО-ДПМНЕ со Македонците. По интервенцијата она полицијата само затоа што група верници сакале да исчистат двор на црквата која била оштетена во 2001-та година, која пак нашпироко се коментираше на социјалните мрежи и навлече гнев кон министерот Панче Тошковски, од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со оценката дека настанот е сценарио на политички лешинари кои сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии.

„Политички лешинари преку проблемот со црквата во Галате сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии, што е доказ за наводите за дестабилизација на кои предупредуваше во неколку наврати премиерот Христијан Мицкоски, тврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, обидот за подгревање на тензии е неуспешен, а МВР ќе ги преземе сите мерки за нивно целосно спречување.

Информации за расчистувањето на околината на црквата во Галате во Oпштина Врапчиште, според него, немале ниту во МПЦ.

„Сето она што настана, согласно она што го видов, барем на јавно објавените снимки, не е ништо друго туку само еден неуспешен, слободно можам да кажам, обид, за подгревање меѓуетнички тензии. Обид на одредени политички лешинари во текот на вчерашниот ден да подгреваат, да хушкаат, да извртуваат фактичка состојба во насока на меѓуетнички тензии. Ако ова не е доказ дека она што сме го говореле изминатиот период, од аспект на тоа дека ќе има обиди во овој временски период, во насока (на дестабилизација), тогаш не знам што би било“,вели министерот за внатрешни работи.

И премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека тензиите околу црквата во Галате се дел од фолклорот што се подготвува за сеење етничка и верска нетрпеливост. Како што посочи, тој постојано предупредувал дека не треба да се игра на етничка и верска карта, „бидејќи тоа е картата на која овие криминалци што изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност“. Според премиерот, ова се изолирани инциденти, но ќе има уште вакви.

„Ја слушнавте изјавата и на владиката кој се оградува од ваквите инциденти. И жителите од селото Галате се оградуваат. Она што е интересно е што на социјалните медиуми излегоа слики на некои луѓе во друштво на политички активни лица. Ако се земат предвид и политичката провиниенција и поддршката на градоначалникот на Општина Врапчиште, но и полициската структура која е во ОВР Гостивар тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор што се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација“, рече Мицкоски.

Инаку, жители на селото Галате вчера се пожалија дека полицијата ги попречува да ја спроведат акцијата за уредување на просторот околу црквата „Света Петка“, која уште во 2001 година е оштетена од пожар. По обидот на десетина граѓани да се сретнат со градоначалникот на општина Врапчиште и да добијат објаснување околу прекинот на работите, полицијата привела две лица. 

Од Министерството за внатрешни работи апелираа да не се подгреваат меѓуетнички и меѓурелигиски тензии на јавен простор или преку социјалните медиуми бидејќи тие ќе бидат предмет на кривично-правен прогон од страна на полицијата.

Со реакција се јави и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, оценувајќи дека на Македонија не и се потребни инциденти, особено не во делот на меѓуетничките односи.

„Апсолутно не смееме да си играме со правото на вероисповед. Се што треба да се решава треба да се решава помеѓу институциите на системот, дали е тоа МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, локалната власт и централната власт. Преку дијалог мора да се дојде до решение, рече Спасовски.Како и на кој начин се однесува полицијата и што е она што се прави не сакам повеќе да кажам, ќе ги напоменам случувањата на аеродромот во Скопје, на граничниот премин Блаце, она што се случува во Галате и уште низа на други примери во државата. Нема оправдување од типот сегашни или поранешни структури. Не може во македонската полиција да има сегашни или минати структури, таа треба да им служи на граѓаните, додаде Спасовски.

За настанот реагираше и пратеничката и екс министерка за одбрана, Славјанка Петровска.

Веројатно властите ги решија сите криминалци кои јуришаат по улиците деновиве и решија да апсат чесни граѓани, христијани, верници во Бога кои со лични средства сакаат да ја реставрираат православната црква Св. Петка во атарот на село Галате, гостиварско.

Прво лажеа дека обвинителството наредило апсење, па откако ЈО демантираше, граѓаните се обвинети за узурпација на земјиште! Узурпација на земјиште на кое црквата е изградена пред повеќе од 30 години? Срамота!!! Дафина Стојаноска ја видел некој? Затоа што пред изборите поприлично грлато врескаше дека никој не може да го тормози македонскит народ! Ама не и било до македонскиот народ, на неа и на ДПМНЕ, до власта им било“, напиша таа на Фејсбук.

На Твитер пак се појавија повеќе постови за џамии и споменици на ОНА што се дивоградби со прашалници – зошто и покрај најавите тие се уште не се урнати, како џамијата во Злокуѓани и споменикот од 20 метри во Слупчане.

Медиумот „Лидер“, пак се надоврза на тврдењата за дестабилизација објавувајќи фотографија на еден од иницијаторите за обнова на црквата, Душко Павловски, со Бранко Црвенковски, иако по таа логика тој треба да е поблизок до ЗНАМ отколку до СДСМ. 

„По цели 23 години молк и незаинтересираност за оваа црква во Галате, сега се решава да се гради каде иницијатор е извесен Душко Павловски. Од јавно достапните фотографии може да се забележи дека Павловски е член и симпатизер на СДСМ. Истиот тој Павловски баш сега решил да ја расчистува и доградува оваа црква иако и самиот знаел дека имотните односи се нерасчистени. Веројанто ова не е воопшто наивно. За предизвикување тензии баш е избрана црква на локација каде имало тензии во 2001 година. Црквата е уништена во 2001 и стои непипната од тогаш до сега“, пишува „Лидер“., па продолжува:

Како јагода на шлагот е и присуството на градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани којшто е близок соработник на Зијадин Села кој е во коалиција со ДУИ. Шабани дополнително ги зголемува тензиите со арогантното однесување каде целта веројатно е повторно да се вратат немили сцени од минатото и да се поттикне меѓуетничка тензија во државава. Фотографиите ја доловуваат нивната блискост и соработка. Патем, познато е дека Зијадин Села одрба да се одвои од Арбен Таравари и да остане во коалиција со ДУИ предводено од Али Ахмети. Останува отворено прашањето: Дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку Исен Шабани сака дестабилизација во државава како една од многуте алатки и полиња за дестабилизација?“