Црквата „Света Софија“ во Реонски продолжува да се гради, околу неа комерцијални објекти


Фото: Независен

Црквата „Света Софија” во Реонски центар, кај ТЦ „Лиса“ продолжува да се гради по повеќегодишна пауза.

„Света Софија” почна да се гради во 2013 година како голем православен верски храм во кој ќе можат да се служат верски обреди, да се одбележуваат празници. Но, беше изградена до карабина, а над куполата беше поставен крст. Но, градилиштето беше напуштено, оградено беше со зелена мрежа, која на места беше искината или падната, а целиот двор обраснат со трева и грмушки.

Сега, оградена е со метални тараби, а околу објектот се гледаат нови цигли и градежни материјали, па и граѓаните, но и од Општина Аеродром се надеваат дека набргу храмот ќе биде изграден и местото ќе заличи.

„Инвеститор на црквата е Македонската Православна Црква и Општина Аеродром не може да даде конкретни детали во однос на роковите за завршување. Како Општина го поздравуваме потегот за продолжување со изградба на црквата „Света Софија“ и сме благодарни на МПЦ и на донаторите кои учествуваат во нејзината изградба“, велат од Аеродром на прашање од „Независен“, кога би можело да се очекува завршување на црквата.

Откако се начу дека црквата продолжува со градење, жителите во околните згради прашуваат што ќе биде со останатите две парцели околу неа, па од Општина Аеродром појаснуваат „дека едната парцела е во сопственост на ЛИДЛ и истите веќе имаат аплицирано за издавање на одобрение за градење, додека другата парцела е во сопственост на компанијата „Скопски пазар“ АД Скопје“ и не ги знаат нивните планови.

Што значи земјштето околу црквата е во приватна сопственост, на „Скопски пазар“ АД Скопје.

„За истото има донесен ДУП во 2011 година и истиот е непроменет, т.е. во сила и на истиот се предвидува изградба на комерцијален објект. Општина Аеродром во тој дел има единствено интервенирано на земјиштето кај парк „Радост“, кое е во сопственост на Република Македонија и наместо предвидените станбено-комерцијални згради, реализира нов парк“, велат од Аеродром.