Црвениот крст ќе се грижи за здравствената безбедност на капачите за Водици во Охрид
Црвениот крст Охрид ги најави активностите за одбележување на Водици и Денот на рибарите.
-На 18.01.2025 (сабота) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 9 степени, велат од организацијата.
На 19 јануари 2025 година, Црвениот крст Охрид ќе обезбеди целосна поддршка за безбедноста на настанот „Скокање по крстот“ на Градското пристаниште во Охрид. Ќе бидат ангажирани пет тимови на спасители распоредени долж пристаништето и во спасителни чамци, два нуркачки тима, како и шест медицински тимови за прва помош, дополнети со амбулантски возила. Дополнително, медицинскиот тим на Итната медицинска помош ќе биде на терен за целосна поддршка и брза реакција во случај на потреба.
-Традиционалната крводарителска акција „Водици 2025“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЀ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2025 (недела) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци, додаваат од Црвен крст Охрид.