COP29: Рекордни 300 милијарди долари за посиромашните земји во борбата против климатските промени


Побогатите земји, меѓу кои САД, Велика Британија и земји од ЕУ, ветија рекордни 300 милијарди долари (287 милијарди евра) за да им помогнат на земјите во развој во борбата против климатските промени, пренесува Би-би-си.

Ова беше заклучокот на разговорите на климатскиот самит на ОН COP29 во Азербејџан. Донесувањето на конечната одлука доцнеше 33 часа, а самата конференција, според Би-би-си, беше на „неколку сантиметри од колапс“.

Дополнително, буџетот на постигнатиот договор беше критикуван за време на конференцијата – многу од земјите во развој сметаа дека не е ни блиску доволно висок за да помогне во борбата против климатските промени.

Претставници од земјите во развој и земјите кои се особено ранливи на климатските промени драматично ги напуштија разговорите во саботата попладне.

„Не претерувам кога велам дека нашите острови тонат! Како можете да очекувате да се вратиме кај жените, мажите и децата од нашите земји со лош договор?“ рече Седрик Шустер, претседавачот на Алијансата на мали островски држави.

Сепак, во 3 часот наутро, се постигна договор. Но, говорот на претставникот од Индија индицираше дека сè уште постојат големи фрустрации кај посиромашните земји.

„Не можеме да го прифатиме. Предложениот договор нема ништо да реши. Не е соодветен за да се финансира тоа што е неопходно да се направи за опстанокот на нашата земја“, рече Лиела Нандан, претставникот на Индија.

Сепак, заложбата за повеќе пари за посиромашните нации е признание дека тие носат непропорционално повеќе се погодени од климатските промени, а истовремено најмалку придонесуваат за влошување на климатската криза.

Дополнително, конференцијата беше исто така критикувана поради тоа што не беше директно адресирана една од клучните заложби на ланската конференција – оддалечувањето од фосилните горива. Држави Швајцарија, Малдиви, Канада и Австралија рекоа оти јазикот за намалување на глобалната употреба на фосилни горива е премногу слаб. Сепак, одлуката за конкретизирање на барањата во врска со фосилните горива беше одложена до 2025 година.