„Цивил“: Слободата на изразување не е подарок од власта, таа е неприкосновено право на секој човек


Џабир Дерала беше осуден за клевета на Христијан Мицкоски

 

Повеќе од две години траеше политички мотивираниот судски процес, против претседателот на „Цивил“ – Центар за слобода, новинар и бранител на човековите права, Џабир Дерала, покренат од Христијан Мицкоски – тогашен лидер на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, сега премиер на Република Северна Македонија, а кој го водеше неговиот близок соработник и денешен министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тие поднесоа тужба за клевета против нашиот колега и тоа за текст преземен од други медиуми. Овој судски процес конечно ја дочека својата завршница откако Апелацискиот суд ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд во Скопје во корист на тужителот, соопштува „Цивил“.

„Овој судски процес е флагрантен доказ дека актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува практиката на својот претходник, при што се потврдува тесната врска помеѓу власта и судството. Со ова се поткопуваат медиумските слободи и слободата на изразување, и се пренесува јасна порака до медиумите, уредниците и новинарите дека државата се движи кон медиумски мрак.

Во општество каде што политичарите се обидуваат да го замолчат секој критички глас, нашата должност е да зборуваме уште погласно. Замолчувањето е алатка на стравот, но вистината не препознава тишина. Новинарите и активистите не се непријатели, тие се чувари на демократијата. Без слободен збор, нема слободна држава.

Ние стоиме јасно на ставот дека оваа пресуда не е само обид да се замолчи Дерала, туку обид за замолчување на новинарите, активистите, јавните интелектуалци и креаторите на јавното мислење, како и секој човек што го користи јавниот подиум да проговори против неправдите.

Политичарите како Мицкоски и Тошковски кои се плашат од јавна критика не градат држава – тие ја распарчуваат. Тие не сакаат вистина, туку тишина. Но слободата не живее во тишина – таа живее во гласноста, во храброста да се каже тоа што не сака да го слушне врвот на власта.

Слобода на изразување е темел на секое демократско општество. Таа не е луксуз, ниту подарок од власта, таа е неприкосновено право на секој човек“, се вели во соопштението на „Цивил“.