Циркус во хрватскиот Сабор: Се извикуваше „За дом спремни“, Пленковиќ ги изгуби живците
И покрај критиките, на премиерот Пленковиќ не му пречат проусташките песни на Томпсон

Дебатата за усташкиот поздрав „За дом спремни“ беше повторно отворена во хравсткиот парламент во понеделникот, а прашањето за одговорноста за неговата употреба во јавниот простор го постави Урша Раукар-Гамулин, член на платформата „Можеме!“, на премиерот Андреј Пленковиќ за време на претставувањето на новата министерка Наташа Микуш Жигман пред Комисијата за регионален развој и фондови на ЕУ.
„Со оглед на тоа што неколку пати се фалевте дека Хрватска добила повеќе средства од ЕУ токму благодарение на вашето влијание, дали фактот што усташкиот поздрав се извикува во парламентот без санкции, дека вашата министерка го прави тоа без санкции и дека овој тренд продолжува затоа што овој поздрав беше извикан двапати во парламентот без санкции, ќе влијае на вашите односи во ЕУ, бидејќи знаеме дека Европа е изградена врз темелите на антифашизмот“, го праша Раукар-Гамулин Пленковиќ.
Премиерот одговори дека мора да истражи што се случило во Саборот, но нагласи дека Владата, ХДЗ и коалициските партнери јасно го осудуваат фашизмот и неговите симболи. Тој се осврна и на неодамнешниот концерт на Марко Перковиќ – Томпсон, велејќи дека Градот Загреб, а не Владата, е одговорен за неговото одржување.
„Загреб го одобри концертот. Јас лично мислам, и го кажав тоа, дека на Томпсон не треба да му се забранува да пее на приемот за сребрените ракометари. Овој концерт требаше да се одржи пред повеќе од два месеци; зошто не се одржа во мај, не знам. Политичката одговорност за тоа зошто концертот се одржа во Загреб е на Градот. Владата и службите како што е Министерството за внатрешни работи го положија тестот“, рече тој.
„Што се однесува до репертоарот, Томпсон го имал истиот репертоар, барем кога станува збор за батаљонот ‘Чавоглаве’, во последните 34 години. Фактот дека некој е изненаден што оваа песна се пее на концерт е малку смешен. Сепак, постои јасна разлика помеѓу она што се случи во 1941-1945 година и она што е основа на хрватската држава, а тоа е Татковинската војна. Песната беше воен белег и имаше своја посебна и важна улога во тоа време. Ниеден суд не ја забранил“, рече Пленковиќ.
„Што се однесува до политичката злоупотреба на овој поздрав во политичкиот дискурс, јас сум апсолутно против тоа, особено во парламентот. Јас сум против тоа и ги повикувам сите пратеници да не го прават тоа. Ова повеќе не е песна од Татковинската војна, ова е непотребна политизација што само ја поларизира атмосферата и отвора простор за оние кои би сакале да го критикуваат пејачот“, нагласи тој.
Тој, исто така, повтори дека не ги прифаќа тезите за историскиот ревизионизам: „Хрватска не го промовира усташството и не го практикува историскиот ревизионизам“. Потоа, Раукар-Гамулин рече дека претседателот на парламентот, Гордан Јандроковиќ, постојано одбива да ги санкционира скандирањата на „За дом спремни“ во парламентот.
Пратеничката од крупацијата Центар, Маријана Пуљак, исто така се вклучи во дискусијата, пуштајќи снимка од Фрањо Туѓман како зборува за усташите во негативен контекст, како фанатици и црнокошулаши. На што претседателот на Саборот Гордан Јандроковиќ одговори: „Вие, колеги, треба да бидете последни што ќе одговорат затоа што го гледав вашиот сопруг како пее усташки песни и ништо не му се случи поради тоа. Тој ја продолжи својата политичка кариера и стана градоначалник (на Сплит), а потоа ги загуби изборите. А потоа ни држите часови и го пуштате Фрањо Туѓман на вашиот мобилен телефон. Смешно“.
Се огласи и Миро Буљ од десничарскиот Мост, велејќи: „Зборувам во контекст на Татковинската војна, во која беше вклучена и единицата ХОС. Тоа беа не само луѓе од хрватска националност, туку и од српска и француска националност. Јас не сум усташ, ниту ги видов усташите. Бев во Татковинската војна како млад човек и ги поздравувам моите колеги со нивниот легален поздрав, ‘За дом спремни’, ништо повеќе и ништо помалку“.
Јандроковиќ исто така реагираше: „Колега Буљ, зошто продолжуваш со ова? Ве молам престанете. Нема потреба да го правите ова, самиот ви кажав дека не мислам дека сте усташ, но кога ќе ги кажете овие зборови, многумина ќе сметаат дека намерно провоцирате. Подобро е да не се прават такви работи. Не е корисно“. Буљ, исто така, поздрави утрово, за време на слободниот говор на собраниската говорница, со она што го нарекува поздрав на ХОС, „За дом спремни“, за што доби и критики од Јандроковиќ.
Милорад Пуповац, лидерот на СДСС, партијата на Србите, се прашуваше од собраниската говорница дали Хрватска го заборавила Туѓман. „Дали Туѓман е некој што треба да се заборави, а Павелиќ да се рехабилитира? Разговараме за усташкиот поздрав, што е само тоа и само тоа.
Зошто му се пееше на Францетиќ и Бобан среде Загреб? Нема ли други луѓе на кои можеше да им се пее? Нема ли генерали на кои можеше да им се пее“, рече Пуповац.