Ципрас во Пекинг: Решението за името ги зајакнува стабилноста и развојот во регионот


Решението на спорот со Северна Македонија ја зајакнува динамиката на стабилност и развој во регионот, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговиот говор на вториот форум на високо ниво на модерниот „Пат на свилата“ во Пекинг.
-Решивме 30-годишен спор со нашиот северен сосед, со Северна Македонија и ова ја зајакнува динамиката за стабилност и развој на нашиот регион, но во исто време сме мост на Балканот со Југоисточниот Медитеран, преку трилатералните облици на соработка Грција – Кипар – Египет – Израел и други важни земји во нашиот регион, рече Ципрас.
Грчкиот премиер додаде дека Грција води енергична и мултидимензионална надворешна политика, а во тие рамки се и билатералните стратешки односи со Кина, но и иницијативите со балканските земји.
Тој рече дека Грција и соседството треба да бидат мост меѓу Западот и Истокот.
-Мојата земја денес ја користи и сака да ја искористи нејзината уникатна геополитичка позиција на среќавање на трите континенти, како и нејзината улога како сила со светско влијание во поморството и туризмот. Сакаме нашето соседство, Југоисточниот Медитеран, но и Балканот да не бидат граница помеѓу Запад и Исток, туку да биде мост меѓу Западот и Истокот, истакна Ципрас.
Тој рече дека регионот треба да стане „светски јазол на транспортот, енергијата и трговијата“, а ја спомена и кинеската инвестиција на компанијата Коско на атинското пристаниште Пиреас, што „игра централна улога во напорите“.