Ципрас објави пакет позитивни мерки за граѓаните
Грција– Намалување на ДДВ-то од 24 отсто на 13 отсто за угостителските услуги и прехранбените производи , намалување на ДДВ-то за енергијата од 13 проценти на шест отсто, 13-та пензија за пензионерите се дел од пакетот позитивни мерки, кои синоќа, на вонредна прес-конференција ги соопшти грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Како што објасни премиерот на Грција, станува збор за постојани мерки поделени во два дела, мерки кои што ќе се воведат веднаш, оваа година и мерки кои ќе се воведат следната година.
За 2019, грчката Влада планира во текот на месецов да изгласа и спроведе: намалување на ДДВ од 24 отсто на 13 отсто за угостителските услуги и за прехранбените производи во супермаркетите, намалување на ДДВ од 13 отсто на 6 отсто за струјата и природниот гас и воведување на 13-та пензија за пензионерите.
Од 1 јануари 2020, според Ципрас, ќе се воведат мерки, кои ќе бидат вклучени во буџетот за следната година и ќе се однесуваат на бизнисмените, земјоделците, но и на младите со цел да се намали невработеноста како и намалување на ДДВ-то за услуги и производи од 13 отсто на 11 отсто и намалување на ДДВ-то за оддалечените грчки острови.
Алексис Ципрас пред новинарите рече дека станува збор за план и мерки на кои се работело подолго време „со цел да се создадат одржливи развојни перспективи за грчката економија во следните години“, но и да им се олесни на граѓаните.
-Овој план го презентираме денес пред вас, го презентираме пред грчкиот народ. За овој план утре бараме глас за доверба од Парламентот. Но, за овој план, на 26 мај бараме глас на доверба од грчкиот народ и секако негово конечно одобрување на почетокот на следниот октомври на националните избори за да го спроведеме, рече грчкиот премиер.
На вонредната прес конференција, за пакетот позитивни мерки говореа и министрите за економија, финансии и труд на Грција.
Министерката за труд и социјала, Ефи Ахциоглу објасни дека воведувањето на 13-та пензија за пензионерите ќе се однесува за сите, станува збор за постојана, а не привремена мерка, додека износот ќе биде во зависност од висината на пензијата. За пензионерите кои земаат до 500 евра месечно, секоја година ќе добиваат една комплетна пензија плус. За оние што земаат од 501 до 600 евра, 13-та пензија ќе биде 70% од износот. Во следната категорија, пензионери кои добиваат од 601 до 1000 евра месечна пензија, ќе земат бонус од 50% од месечниот износ, додека пак оние со над 1000 евра пензија, секоја година, ќе добијат една пензија плус во износ од 30% од месечните примања.
Пакетот позитивни мерки на грчката влада беа објавени на помалку од 24 часа пред почетокот на тридневната расправа во Парламентот за гласање доверба на владата. Седницата ќе започне денеска попладне, а се очекува да заврши в петок на полноќ со гласање на пратениците.