„Чувствувајте се оваа ноќ, како цвет во камен бидејќи во историјата нема случајности“. Џон Малкович прогласен за почесен доктор на Еуро Прима
Сакам, прогласувајќи ве за Doctor Honoris Causa, да ве прогласам за Син на Вечноста во Минатото кое никогаш не минува и Иднината која никогаш не завршува!, рече синоќа, во својата беседа, Јордан Плевнеш, македонски автор со интернационално реноме
Славниот холивудски актер Џон Малкович, синоќа, на свечена вечера, во Скопје , беше прогласен за почесен доктор ( Doctor Honoris Causa) на универзитот Еуро Прима, чиј претседател е Јордан Плевнеш, со што ќе се се вброи во плејадата на големите имиња како што се Јиржи Менцел, Шарл Азнавур, Маноел Де Оливеира, Жан Клод Кариер, Мики Манојловиќ, Александар Морфов, Абдулах Сидран, Мето Јовановск и други.
Плакетата му ја врачи Плевнеш, македонски автор со интернационално реноме, кој одржа брилјантна беседа за Малкович.
„Независен“ ја пренесува во целост.
Но, дозволете ми на небото над Камник, да ги спомнам ликовите кои се дојдени да ви го честитаат ова највисоко академско признание – Како Волкер Шлендорф, Пол Њумен, Стивен Спилберг, Бернардо Бертолучи и голем број други бесмртни имиња со кои вие оставивте во светската култура неизбришливи траги. Како естетски крешчендо на оваа ноќ во Македонија сакам да го истакнам вашиот однос кон времето бидејќи во историјата на светската цивилизација од Месопотамија и Вавилон и Епот за Гилгамеш, до Помпеја и средновековните мистици постои таканаречената Временска Капсула во која вие ја вградивте и вашата лична тајна снимајќи го филмот посветен на мистеријата „Меѓу Минатото, Сегашноста и Иднината“ за кои што вие напишавте сценарио и ја играте главната улога, во режија на Роберт Родригез. Филмот беше завршен на 18 ноември 2015 во Коњак во Франција и беше запечатен без право да биде отворен во следните 100 години, до 18 ноември 2115.
Во романот на Жак Лакариер посветен на крајот на Втората светска војна открив дека и Претседателот на САД, Двајт Ајзенхауер остави запечатен материјал во временска капсула на Американските гробишта во Colleville sur Mer – Нормандија која што треба да биде отворена 100 години по Денот Д – Истоварувањето на Нормандија.
Вашето прогласување за Doctor Honoris Causa сакам да го поврзам со средновековниот богомилски апокриф од Македонија, кој што вели: Сегашноста е тука, иднината е непозната, единствено што е непредвидливо е минатото! Бидејќи вие ја одредивте бројката 100 таа може да биде и 1000 и 10 000 и така натаму со сите други нули. Сакам, прогласувајќи ве за Doctor Honoris Causa, да ве прогласам за Син на Вечноста во Минатото кое никогаш не минува и Иднината која никогаш не завршува!
Брилијантната и долгоочекувана изведба на славниот Малкович во театарската претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“, предизвика бурни овации и ракоплескање кај публиката на Антички, на „Охридско лето“. Настапот сигурно ќе остане редок настан за паметење кој понуди магичен амбиент и уникатност, збогатувајќи ја реномираната фестивалска историја на престижниот фестивал. Во авторство и во режија на Михаел Штурмингер, ова несекојдневно уметничко остварување, музички придружено од сопранистките Чен Реис и Сузан Лангбеј и Оркестарот на Виенската академија, ја спои класичната музика со драмската уметност и актерството.