„Чувари на формулата“ – новиот филм на Драган Бјелогрлиќ со светска премиера во Локарно

„Чувари на формулата“, кој зборува за вистински настан во Институтот Винча во 1958 година, ќе биде прикажан на престижниот филмски фестивал во Локарно во Швајцарија


Новиот филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“ ќе биде премиерно прикажан на еден од најголемите европски филмски фестивали во Локарно (Швајцарија) во рамките на престижната програма – Пјаца Гранде. Оригиналната приказна за потенцијалната нуклеарна криза во социјалистичка Југославија и автентичниот режисерски печат на Драган Бјелогрлиќ беа пресудни за меѓународното жири во Локарно да го вклучи „Чувари на формулата“, со што овој филм станува првиот од Балканот кој ќе ја има светската премиера како дел од програмата на Пјаца Гранде.

– Поканата за Пјаца Гранде, Локарно е исклучително признание за сите нас кои работевме на овој филм и секако дава исклучителна можност низ „големите врати“ да излезе во светот уште една заборавена приказна од нашата историја. На сите соработници им го честитам ова големо признание, изјави Драган Бјелогрлиќ.

На снимањето на новата сезона на „Сенки над Балканот“

Оваа вистинска приказна за несреќата во Винча во 1958 година е заснована на бестселерот на Горан Милашиновиќ „Случајот Винча“, а сценариото за неговата филмска адаптација го напиша Вук Ршумовиќ со Огњен Свиличиќ и Драган Бјелогриќ како косценаристи.

Во екот на кризата од Студената војна, група научници од Институтот „Винча“ спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложени на смртоносна доза на зрачење, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката Кири во Париз. Францускиот лекарски тим, предводен од професорот Жорж Матео, заклучува дека нивната состојба е критична и дека нивните денови се избројани. Иако професорот Матое целиот свој живот го посвети на борбата против нуклеарното оружје и длабоко го презира проектот на кој работеа југословенските научници, тој предлага за прв пат во историјата да се спроведе деликатната и неизвесна интервенција за замена на коскената срцевина на озрачените пациенти. Дали е тоа експеримент врз живи луѓе или навистина сака да им помогне – станува мачно прашање за југословенските научници.

Во насловните улоги ќе ги видиме Радивој Раша Буквиќ, како и познатите француски актери Алексис Маненти, Оливие Бартелеми и Ана Сара. Директорот на институтот „Винча“, Павел Савиќ, ќе го игра Предраг Мики Манојловиќ, а шефот на државната безбедност на СФРЈ, Лека Ранковиќ, Драган Бјелогрлиќ. Улогите на млади југословенски научници режисерот им ги додели на Јован Јовановиќ, Алиса Радаковиќ и Огњен Миќовиќ.

Авторскиот тим предводен од режисерот Драган Бјелогрлиќ го сочинуваат директорот на фотографија Иван Костиќ, монтажерката Милена Предиќ, сценографите Јелена Шопиќ и Јована Цветковиќ, костимографот Марина Вукасовиќ Меденица, композиторот Александар Ранѓеловиќ, додека извршната продукција ја потпишува Горан Бјелогриќ. (Политика.рс)