Чувајте се од волшебници


ЕРОЛ РИЗАОВ

(Колумна за Дојче веле)

 

Бидете на штрек во вакви тешки и мачни времиња на искушенија и страв. Од коронавирус побрзи се само разни шарлатани и лажни спасители кои во ера на интернет и брзи комуникации даваат бесплатни рецепти како да се спасите

 

Кога имате илјада гајлиња како да немате ни едно. Ако сте соочени само со едно гајле тоа е најголемо.

Како да се спасиме и себе и своите блиски во време на пандемија од подмолен вирус треба да ни биде единствената грижа. Заразен човек од опасната чума на 21 век нема ни една друга желба освен да преживее и да оздрави. Не чекајте да се уверите во тоа за да ја дознаете вистината. Оти човек кога ќе умре за него умрел целиот свет.

Сè друго е помалку важно, да не речем безначајно. Во оваа вистина деновиве се уверуваат , кога ќе им кажат лекарите дека се позитивни и недопирливите,  кралеви и цареви, принцови и принцези, претседатели, премиери, милионери и милијардери, големи моќници, врвни доктори, славни личности, верски великодостојнци и поглавари кои до вчера беа под божја заштита, а со нив заедно и илјаднци простосмртни луѓе кои имаат многу планови и секојдневни гржи. Сега за сето тоа богатство и моќ не даваат ни пет пари, мислат само на едно – како да се излечат.

Бидете на штрек, во вакви тешки и мачни времиња на искушенија и страв, од вирусот побрзи се само разни шарлатани и лажни спасители кои во ерата на интернет и брзи комуникации даваат бесплатни рецепти како да се спасите. Се нудат на ангро волшебни решенија со топла вода, лимон и сода-бикарбона, со ракија и разни мирудии, со бабини деветини и магии. Има и такви кои нудат милијарди евра за ни влакно од главата да не ни фали. И тоа се бабини деветини, ама со предумисла.

Преносители во ширење на злото

Не верувајте им на тие волшебници и не препраќајте ги нивните совети и генијални решенија по социјалните мрежи и медиуми, бидејќи станувате преносители и соучесници во ширење на злото што го напдна човештвото. Лесно се препознаваат нивните мотиви, лицемерие и лажна грижа за вашето здравје. Бидете внимателни и седете дома како и досега. Тоа е најдобро. Докажано.

Како и во сиот свет и кај нас деновиве се појавија пророци кои имаат решенија за сите наши маки и стравувања. Проповедаат по сите медиуми како безболно да ја пребродиме и здравствената и економската криза. Тоа се нашите спасители, идни нобеловци и за медицина и за економија, кои преку ноќ и нас и светот го лечат и од вирусот и од економската криза. Ни подаваат рака по стопати на ден за спасение грешним.

Еден таков врховен авторитет и за енергетика и за медицина и за економија истовремено, дење ноќе повторува, како да е божји пратеник, верувајте ми само мене и на моите лекари и моите невидливи експерти по економија.

Неговиот лек е навистина волшебен. Има само една мала маана што секој ден е поскап единствено затоа што никој не го слуша да му ги исполни нарачките на генијалецот. Прво рече, веднаш земете заем од 600 милиони евра, потоа за неколку дена накачи на милијарда, сега е негде околу две милијарди евра, до утре ќе стаса до три.

Спасителот откривајќи топла вода со траорен глас вели: дајте ги парите за лекови, тестови, респиратори и сѐ што е потребно за спречување на заразата, поделете им пари на засегнатите компании, за луѓето кои останале без работа, за сите кои се погодени од неспособноста на тие што не ги прифаќаат моите изуми. Па вели, имам јас и други пропратни безболни медицинско-економски зафати во мешан грчко римски и слободен стил, ако недостасуваат  пари.

Веднаш, рече, бркнете ги рацете во пензиските фондови, утре ќе биде доцна. Волшебникот прави домашен есап на државниот пазар со хартии од вредност, открива кај се скриени парите на граѓаните во девизните резерви и штедни влогови, ја отвара државната каса како терзија џеб. Така ќе се излечиме сите од вирусот и ќе имаме полни џебови со пари. Арно ама, алчните луѓе кои одлучуваат не му ги прифаќаат изумите на непризнатиот генијалец. Затоа треба да ја преземе власта и да ја заврши работата. Им се чудам на овие во власта што не ја прифаќаат подадената рака да дојде избавителот во владата и да ги демонстрира нагледно спасоносните решенија кои се многу едноставни.

Не е пародија, болна вистина е

Сето ова би изгледало како пародија ако не е болна вистина што го слушаме како агресивна предизборна кампања среде опасната пандемија. Кога политичари се претставуваат како спасители со магионичарски трикови, тогаш, ја добиваме оваа воено профитерска кампања која пламнува кај сите засегнати. Нема ништо попримамливо на уплашени, на заболени и на економски загрозени луѓе кои остануваат без имот и без работа и со намалени примања да им се ветат пари кои треба друг да ги најде и да ги врати.

Се создава амбиент во државата дека негде има азно со многу пари, ама некој во власта намерно, или од незнаење, не сака да не заштити од вирусот и од банкротства, ги остава луѓето без работа на милост и немилост. Ова е досега највалканата пропаганда во „воени“ услови кога во земјата е прогласена вонредна состојба, што не значи ако нема брзо надминување на ваквото безумие дека нема да биде уште полоша.

Ако се има сериозна и искрена намера да се предложат ефикасни мерки според реалните можности и за задолжување и за интервенции со резервите со кои располага Македонија, или со други мерки  кои не се опфатени со досегашните на Владата кои се веќе во примена и со тие што се во подготовка, кога не функционира парламентот, единствениот начин тие да се аргументираат е да се образложат во Владата во стручна расправа.

Во кризните штабови и комисии е вистинското место каде ангажираните здравствени и економски експерти, чии имиња треба да се соопштат на јавноста, заедно со владата да ја преземат одговорноста за одлуките што се спроведуваат и што не се спроведуваат. Медиумската пропаганда каде политичари предлагаат нереални популистички и волунтаристички неостварливи  решенија кои само на хартија ги покриваат сите штети наликуваат на патокази кои покажуваат излез кој не постои. Со тоа предизвикуваат уште поголема штета од реалната.

Секоја земја има свои специфичности и можности до каде може да оди. Да се ветува од ракав над можностите без државна и стручна стратегија, без да се претпостави колку ќе трае светската рецесија и згора сигурно подолго и домашната криза, лесни решенија, диктирани од политичари, без оглед дали се од власта или од опозицијата, може да предизвика многу потешки последици и од најпесимистички претпоставните.

Она што во овој момент е неопходно е вистинско, не паролашко и вербално единство со кое ни ја отекоа главата цели 30 години. Ако е распуштен парламентот без можности за негово функционирање, ако изборите се одложени на неодредено време, ако заедничката влада со министри и владини функционери на сите релевантни партии ја презема одговорноста за вкупните состојби во земјата, тогаш блиску до здравиот разум е дека секоја предизборна кампања и медиумско нудење на атрактивни и безболни спасоносни решенија  во вонредна состојба треба да се прима со голема резерва.

Во многу земји покрај државните мерки за поддршка на јавното здравство и на деловите на стопанството и дејностите кои се најпогодени, на луѓето кои остануваат без работа, покрај владините мерки, се и солидарни донации за ублажување на последиците.

Во Македонија освен неколку поединечни случаи на општествено одговорни компании не слушнавме и не видовме ниту еден друг гест на организирана акција со донации за спасување на најзагрозените дејности. Тие што со години профитираа, во добар дел со пари на граѓаните од буџетот во дил со државата, денес треба да покажат солидарност и кон државата и кон своите вработени кои учествуваа во создавањето на нивното богатство.

Еве добар мегдан за еден хуман натпревар, за вистински патриотизам организиран од бизнис заедницата, па ако сакате и од политичките партии, невладини, хуманитарни организации, од сите оние кои можат да помогнат во вакви ситуации. Кога треба да се бркне во сопствениот џеб и од таму нешто да се даде многу потешко оди отколку да се прават списоци на желби кои фрчат од сите страни и кај што има вистинска потреба, но и од таму кај што и од несреќата се профитира.

И уште една заблуда поврзана директно со војната против корана вирусот. Се работи за препораката на Светската здравствена организација тестирај, тестирај, тестирај… Од тие што ја соопштуваат оваа добра доктрина често намерно или ненамерно се испуштаат неколку факти кои го претвараат ова извонредно  јужнкорејското искуство во опасна полувистина. А тоа е дека проширеното тестирање, или масовно тестирање, не значи дека треба да се тестира секој кој сака, туку дека постојат јасно одредени критериуми кога тоа треба да се прави, при секој сомнителен случај, на секој потврден случај и карантин на секој близок контакт. И уште нешто кое намерно се заборава: за голема жал масовно тестирање како во Јужна  Кореја можат да си дозволат само високо развиени земји.

(Линк до колумната овде)