„Човекот по име Уве“ преведен и објавен на македонски јазик


Фредрик Бакман е шведски писател и колумнист, кој пишува лесно движечки приказни – одисеи за обичниот маж и обичната жена, за нивните секојдневни храбри потези и одлуки. Неговиот стил е екстремно смешен, но и емотивен и паметен. Досега објавил шест романи, две новели за животот и љубовта и една книга за родителство. Во 2012 година Бакман го остварува своето литерарно деби, книга која по определени критериуми би можела да се нарече и глобална сензација – „Човекот по име Уве“.

„Човекот по име Уве“ на прв поглед е само роман за влијанието на еден човечки живот врз безброј други, трагикомична приказна за сладок раздразлив старец што го малтретира целото маало со својата желба за апсолутна контрола.

Уве е 59-годишен вдовец и тагата по неговата неодамна почината љубена го тера секој ден да ја посакува сопствената смрт. Уве е тип на човек кој покажува со прст во луѓето што не му се допаѓаат. Секое утро врши рутинска инспекција низ населбата во која живее, ги преместува велосипедите и проверува дали ѓубрето е правилно селектирано, иако веќе поминале неколку години откако е сменет од функцијата претседател на здружението на станари. Уве е вечно гневен и незадоволен, лесно избувлив, Уве е сосед од кошмарите.

Меѓутоа неговата педантерија и железна принципиелност доаѓа во контакт со новите соседи и неочекувано се развива приказна што суштински ќе промени еден човек и цело соседство.

Филмската адаптација на книгата во 2017 година е номинирана за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, а во подготовка е американски римејк со Том Хенкс.

Преводот на книгата од шведски на македонски јазик е дело на Ивица Челиковиќ, графичкото уредување е на Марко Трпески, а книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и Министерството за култура на Република Македонија.