Членството во ЕУ ќе значи поголеми плати за 70-100 отсто за пет години, вели Ковачевски
Неносењето одлуки значи само изолација, значи само стагнација и значи тапкање во место, рече Ковачевски во обраќањето на СЕФФ
Сега е време за носење одлуки, порача денес премиерот Димитар Ковачевски на Скопскиот економски и финансиски форум што годинава се одржува по трет пат во организација на Министерството за финансии. Во воведното обраќање премиерот посочи дека економските ефекти од членството во ЕУ ќе значат поголеми плати, поголем БДП, инвестиции, вработувања…
„Какви би биле економските ефекти од членството во Европската унија? Тоа во првите пет години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти, пораст на БДП од 80-90 проценти, зголемен број на работни места, за 30-40 проценти зголемен број на мали и средни претпријатија во економијата“, рече Ковачевски.
Тој се осврна и на позицијата која ја имаа Македонија и Хрватска во 2008 година во однос на членството во ЕУ.
„Во 2008 година Северна Македонија и Хрватска беа на иста позиција да станат членки на Унијата. Пред два дена премиерот на Хрватска, Пленковиќ, истакна дека неговата земја за десет години членство во Европската унија е 12 милијарди евра во плус“, рече Ковачевски.
Хрватска во ЕУ влезе во 2013 година со стапка на невработеност од речиси 18 проценти, а во 2022 година стапката на невработеност беше шест проценти. Придобивки од членството во ЕУ имаа и Полска, Малта и другите земји.
„Многу едноставно може да се пресмета колку Северна Македонија има изгубено за овие 17 години чекање и во однос на БДП и во однос на невработеноста и во однос на висината на платите. Неносењето одлуки значи само изолација, значи само стагнација и значи тапкање во место“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека неносењето одлуки 11 години на државата ѝ донесе кавга со соседите, ѝ донесе кавга внатре, ѝ донесе економска стагнација и ѝ донесе историско финансиски инженеринг кој што го гледавме на два километри квадратни во центарот на Скопје.
„Ништо друго не ѝ донесе“, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека мора да ја донесеме Европа тука и така да бидеме препознаени како нова достоинствена и почитувана членка.
„Емпириските студии покажуваат дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе значи дека ЕУ ќе има регион кој ќе биде најбрзорастечки во однос на сите други членки на Европската унија. Дури и кандидатите членки, ако ги погледнете стапките на раст во моментов на земји членки поединечно во однос на земјите кандидати, се гледа дека нашите стапки на раст се поголеми. Тоа е затоа што овде има работна сила која што е вредна, има инвеститори кои што сакаат да инвестираат и има проекти во инфраструктурата кои се градат“, рече Ковачевски.
Тој на крајот нагласи дека во Собранието не се одвива гласање за уставни измени, туку дека се одвива гласање за европска интеграција на државата.
„Денес во Собранието се дава глас или за интеграција во Европската унија или за изолација на државата која ја гледавме 11 години“, рече Ковачевски.