Членките на ЕУ согласни за јакнење на односите со администрацијата на Бајден


Земјите-членки на ЕУ се согласуваат дека трансатлантските односи мора да се зајакнат со новата администрација во САД, додека истовремено мора да се работи на зајакнување на стратешката автономија на ЕУ, беше договорено денеска во Брисел.

Амбасадорите на земјите-членки се согласија за идните односи меѓу ЕУ и САД, што треба да биде тема на претстојниот самит на лидерите на ЕУ, што ќе се одржи на 10. и 11 декември и ќе служи како упатство за работа на институциите на ЕУ.

ЕУ нагласува дека односите со САД мора да се засноваат на пет столба: борба против Ковид-19, мултилатерализам, економска соработка и закрепнување, борба против климатските промени и светски мир и безбедност.

Земјите-членки го поддржаа и предлогот на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел,  самитот на ЕУ да се одржи во САД во присуство на новиот претседател Џозеф Бајден, по инаугурацијата, во првата половина на 2021 година.