Чистењето на линданот од ОХИС оди побрзо од очекуваното


Фото: Б. Грданоски

Чистењето на малата депонија со линдан во кругот на ОКТА во Скопје, оди побрзо од очекуваното, потврди денеска министерот за животна средина Насер Нуредини. 

Досега е исчистен едниот базен во кој се наоѓале 450 тони линдан и околу 150 тони контаминирана почва, која е пониско концентрирана. Отпадот е безбедно складиран и се планира да се започне со негово транспортирање на 3 мај.

– Работата оди побрзо од што очекувавме. Може да заврши до крајот на годината, а очекувавме да трае 12 месеци. Со ова се отвора можност да го смениме Законот за животна средина, со кој може да ја обврзиме државата да се детектираат сите жешки точки во нашата држава и потоа да направиме план за рехабилитација. Тоа значи Јегуновце, Лојане итн. ќе влеземе или ние – државата или тие приватни сопственици да направат план за рехабилитација на тие жешки точки. Со тоа што законски ќе го решиме, ќе може да разговараме со меѓународните донатори, но и со Европската унија да се исчистат – вели Нуредини.

За чистење на големата депонија со линдан во ОХИС, Нуредини вели дека се  во разговор со меѓународните донартори, затоа што тоа ќе чини многу повеќе.

– Ако се знае дека чистењето на малата депонија со линдан чини 8,6 милиони евра, тоа значи дека за големата ќе има потреба да многу поголеми средства. Сме во разговори со меѓународните донатори, а мораме и ние сами да најдеме средства од буџетот, тоа е предвидено во следните години и сакаме да продолжиме со чистење на целата таа жешка точка во Скопје. За големата депонија ќе бидат потребни дополнителни 40 до 50 милиони евра – изјави министерот Нуредини. 

Чустењето на малата депонија почна кон крајот на март годинава. За чистење на малата депонија воспоставена е соработка со Владата на Норвешка и со две агенции на Обединетите нации – Организацијата за индустриски развој УНИДО и Канцеларијата за проектни услуги, УНОПС. Делегацијата на ЕУ во Македонија издвои 2,5 милиони евра од ИПА 3 програмата, конкретно за комплетирање на процесот за ремедијација на малата депонија.