Чиј монопол штити ВМРО-ДПМНЕ со хајката против „Бехтел и Енка“?

Покрај профитерските дилеми, што ги спомена СДСМ денес, интересно е да се праша - дали зад овие напади на ВМРО-ДПМНЕ има и некакви политички калкулации надвор од вообичаената кампања


Од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ (Фото: Б. Грданоски)

 

Владејачката партија СДСМ запраша денес јавно чиј монопол штити ВМРО-ДПМНЕ со хајката против иградбата на коридорите од страна на „Бехтел и Енка“ која трае веќе втор месец.

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски водат хајка против изградбата на Коридорот 8 и коридорот 10д и против реномирана американска компанија како што е ‘Бехтел’. ВМРО-ДПМНЕ, партијата симбол на провизии и промашени прокети за автопати, денес е против најголемата инвестиција во инфраструктурата вредна 1,3 милијарди евра, од кои 51 отсто ќе завршат во домашните компании.

Дури 30 години државата ја чека изградбата на Коридорот 8 и е зависна од солунско пристаниште.Чиј монопол штити ВМРО-ДПМНЕ со противењето на изградбата на коридорите? Дали е тоа една фирма што единствено има претставништво во солунско пристаниште? Зошто ВМРО-ДПМНЕ е против нашите компании да можат да се снабдуваат од пристаништата во Бургас и Драч?“, прашаа денес од СДСМ. 

Со ваквата реакција, од можна корупција темата очигледно се префрла на терен на можно штитење на нечии профитерски интереси. Со оглед на тоа колку траат нападите околу договорот со „Бехтел и Енка“, на колку нивоа и што се не е вклучено, и со оглед на тоа колку се драматизираат некои елементи од договорот иако нема основа, сѐ појасно се поставува прашањето дали зад целиот овој политички „поход“ против проектот, кој излезе од границите на добриот вкус и логика, стои нешто повеќе од страв дека отвора простор за корупција.  

Најголемиот прашалник околу обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека некој ќе оди зад решетки, т.е. дека ќе се крадат пари преку изградбата на коридорите, е фактот дека, ако се остварат анкетите што циркулираат во јавноста, кога изградбата ќе земе замав на власт би требало да бидат ВМРО-ДПМНЕ, а не СДСМ, што значи тие ќе бидат во позиција да ги злоупотребуваат дупките во договорот, а не актуелната власт.

На прашањето неделава на брифинг со новинарите дали ќе го раскине договорот како штетен ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, Мицкоски јасно рече не. Помалку лошо, според него, е да не се изгради, но тој ќе се погрижел да се изгради како што треба, не објаснувајќи како е тоа можно ако веќе остане договорот што неговата партија го оцрнува секојдневно како штетен за државата.

Покрај профитерските дилеми, што ги спомена СДСМ денес, интересно е да се праша – дали зад овие напади на ВМРО-ДПМНЕ има и некакви политички калкулации, надвор од вообичаената кампања да се престави актуелната влада како исклучително штетна и корумпирана и која нѐ води во пропаст. Една од дилемите е дали Мицкоски со напад се брани од нападите да попушти околу уставните измени, односно со „пукањето“ врз договорот во четири очи со „Бехтел и Енка“  за коридорите што ни се неопходни и витално важни, „пука“ врз американските дипломати кои јасно порачаа дека тие што работат против стратешките интереси на САД, во кои влегуваат и договорите од Преспа, Охрид и тој со Бугарија, можат да се најдат на црната листа.

Уште повеќе, дали со обвинувањата за корупција против американска компанија, за договор на чие потпишување беше амбасадорката на САД, Мицкоски сака да ѝ порача на Ангела Агелер дека и Америка е корумпирана и дека нема кредибилитет да прави црни листи во Македонија. 

Со оглед пак на изборите идната година и оценките дека е можно ВМРО-ДПМНЕ да победат, но да не можат да најдат албански партнер со политичка тежина за да формираат влада, можна дилема е дали Мицкоски со нападите врз „Бехтел и Енка“ ѝ праќа порака на амбасадорката дека, ако посака да влијае на идната структура на власта, вистинската моќ ја има ВМРО-ДПМНЕ и без неа ништо не ќе може да добие ниту пак да и се испорача – од политички договори до тендер. Не е исклучено, исто така, со ваквиот напад на договорот со американската компанија Мицкоски да се додворува и на Европската унија, нудејќи им се како поприфатлив партнер во Македонија, паралелно со ветувањата по амбасадите дека кога ќе дојде на власт ќе ги спроведе и уставните промени за преговорите со ЕУ.

Сумирано кажано, Мицкоски можеби сака да покаже дека без оглед што не е на власт реално владее и дека тие што играат на картата на СДСМ – вложуваат во погрешна опција. Останува на крајот и дилемата дали зад сето ова сепак стои политичка суета (СДСМ да не успее со автопатите), односно само примитивно практицирање на политиката која зема замав на сите нивоа, и на државно и низ општините, секој секого да блокира во намерите нешто да создаде или спроведе. Да стојат проектите за да растат рејтинзите на една или на друга партија, нешто што сме го виделе и претходно и го гледаме сѐ уште, од договорот за автобускиот рапид систем што го докрајчи Данела Арсовска, Универзалната сала која пропаѓа, иако се нудат и пари и проект, меѓусебните блокади на проектите низ сите општини, па до раскинувањата на големите и скапи договори за кои плативме огромни штети како граѓани. (Н.В.)