Четврти бран во Хонгконг: Болница ново жариште на Ковид-19


Хонгконг, кој се соочува со четврти бран на Ковид-19, вложува напори да спречи ширење на коронавирусот, откако една болница стана жариште на зараза.

Меѓу 60 и 70 медицински работници во болницата во Хонгконг, кои се сметаат за блиски контакти со заразен пациент, се наоѓаат во карантин, а 6.000 до 7.000 вработени во здравствената установа треба да бидат тестирани.

Пациент кој е позитивен на Ковид-19 заразил уште седум лица, со што бројот на заболени од тој кластер е зголемен на 19.

Властите во Хонгконг, исто така, ја зајакнаа контролата на замрзнатата храна, со цел да спречат ширење на коронавирусот, бидејќи властите во континенталниот дел на Кина тврдат дека пронашле вирус на амбалажа на увезена храна.