Четврта жртва на невремето во Словенија: Тело на маж пронајдено на брегот на Сава


 Безживотно тело на маж е пронајдено денеска на неколку стотини метри од куќата во која живеел на брегот на Сава во Томачево, недалеку од Љубљана.

Според првичните информации, се претпоставува дека мажот загинал во поплавата, јавија локалните медиуми. Полицијата изврши увид и продолжува со собирање информации за сите околности на несреќата, јавува РТВ Словенија.

Словенечките медиуми во петокот јавија дека три лица го загубиле животот како последица на невремето. Според Генералната полициска управа, една жена била однесена од вода во месноста Камник, а двајца холандски планинари загинале од гром во планините во областа Крање.