Четириесет и три преводи годинава во конкуренција за наградата „Драги“


 До крајниот рок за доставување на номинациите – 1 јули, пристигнаа рекордни 43 дела во превод на македонски јазик, како во печатен така и во електронски формат. Во конкуренција за наградата „Драги“ се 40 преведувачи, што е повеќе од минатата година. Книгите се објавени од 18 издавачки куќи или поединци, а преводите се направени од 18 различни јазици . Опфатени се четириесет странски автори од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, драми, соопштија денеска од издавачката куќа „Антолог“.

Тричлената комисија за доделувањето на наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“, како што се наведува во соопштението, годинава ќе ја сочинуваат Јана Михајловска – библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија – претставник од семејството на Драги Михајловски, Зорица Николовска – редовен професорор на Катедрата за германски јазик и книжевност и преведувач, претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и Владимир Јанковски – писател и преведувач, претставник предложен од „Антолог“.

Годинашното издание на наградата е реализирано од страна на „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

– Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон и така натаму. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, се додава во соопштението.