Четири земји уште не ја признале Хрватска


 

Денеска се навршуваат 32 години од меѓународното признавање на Република Хрватска. На 15 јануари 1992 година, Хрватска беше призната од членките на тогашната Европска заедница, а Германија на тој ден веднаш воспостави дипломатски односи со Хрватска.

Меѓународното признавање на Хрватска постепено следеше по прогласувањето на нејзината независност на 25 јуни 1991 година. Истиот ден, Словенија прогласи отцепување, за следниот ден новонезависните држави одлучија меѓусебно да се признаат, пишува „Вечерњи лист“.

Ватиканската дипломатија како прва во светот на 3 октомври 1991 година објави дека работи на хрватското меѓународно признавање.

Исланд беше првата што ја призна Хрватска, на 19 декември 1991 година. Исланд беше и првата што ги призна балтичките републики: Литванија, Латвија, Естонија. Истиот ден, Германија го објави признавањето, кое, сепак, требаше да стапи во сила на 15 јануари 1992 година.

Признание најавија и Италија, Шведска и Ватикан. Ватикан ја призна Хрватска на 13 јануари, а Сан Марино на 14 јануари.

На 15 јануари 1992 година, Хрватска беше призната од сите 12 членки на Европската унија во тоа време, како и Австрија, Канада, Бугарија, Унгарија, Полска, Малта, Норвешка и Швајцарија.

Следниот ден следуваше признавање од повеќе земји, а до крајот на јануари Хрватска ја признаа 44 земји.

Русија ја призна Хрватска во февруари, Јапонија во март, САД во април и Индија во мај. До 31 декември 1995 година, Хрватска беше призната од 124 земји.

Сепак, Хрватска сѐ уште не е призната од четири земји. Тоа се Бутан, Либерија, Нигер и Тонга. Меѓу земјите кои релативно неодамна ја признаа Хрватска се Сомалија, која го стори тоа во февруари 2022 година, додека Централноафриканската Република и Того го сторија тоа истиот ден – 18 септември 2023 година.

Околу педесетина земји никогаш формално не донеле одлука за признавање, туку воспоставија дипломатски односи, што се третира како признавање.