Четворица министри и двајца градоначалници ќе го убедуваат УНЕСКО во Париз да не го смени статусот на Охрид
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојуваат во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност.
Делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.