Четири лица спасени во Турција 200 часа по земјотресот

Шансите за да откријат нови преживеани драматично се намалувааат. Спасувачките тимови сега се насочеуваат кон новата фаза од помошта


Мустафа Четин е спасен на 14 февруари од урната зграда 198 час по земјотресот

 

Уште четири лица се спасени речиси 200 часа по силниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија, но се намалуваат надежите за пронаоѓање на повеќе преживеани од она што Светската здравствена организација ја нарече најголема природна катастрофа во Европа во последните 100 години.

Додека првиот тим за помош на ОН по земјотресот влезе во северозападна Сирија, заедничкиот број на загинати стигна на речиси 38.000 во вторникот, откако билансот во Турција се искачи на 31.974. Најмалку 5.714 се пријавени мртви во областите во Сирија контролирани од владата и под контрола на бунтовниците – што веројатно е значително потценување.

Мухамед Џафер (18) беше извлечен од урнатините во Караманмараш, Турција и можеше да се види како ги движи прстите, објави Си-Ен-Ен Турк, набргу откако Мухамед Јенинар (17) и неговиот брарат Баки (21) беа пронајдени живи во друг дел на јужниот дел на Турција. Турската ТРТ објави дека еден човек бил извлечен жив од урнатините на станбен блок во јужната провинција Хатај 203 часа по првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтер.

Некои тимови, сепак, ги прекинуваат операциите бидејќи температурите под нулата ги намалуваат и онака малите шанси за преживување. Шефот за помош на ОН, Мартин Грифитс, рече дека фазата на спасување „се приближува кон крајот“, а фокусот сега е свртен кон засолниште и храна.

Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, рече дека хуманитарните работници се соочуваат со „најлошата природна катастрофа во регионот за еден век“, додавајќи дека целосната големина сè уште не е позната и за обновата ќе биде потребен „феноменален напор“.

Клуге рече дека три чартер летови со комплети за итна медицинска помош биле испратени во Сирија и Турција – доволно за лекување на 400.000 луѓе – и 22 тима од 19 земји распоредени во најголемата операција од ваков вид во 75-годишната историја на организацијата.

Повеќе од една недела по земјотресите, постоеше „растечка загриженост за новите здравствени проблеми поврзани со студеното време, хигиената и санитарните услови и со ширењето на заразни болести, при што ранливите луѓе особено се изложени на ризик“, рече тој.

Само во Турција, околу 1 милион луѓе ги загубија своите домови и живеат во шатори и привремени засолништа, додека властите соопштија дека најмалку 80.000 луѓе се хоспитализирани. До 5 милиони луѓе може да бидат бездомници во Сирија, многу од нив веќе внатрешно раселени по бегството од речиси 12 години граѓанска војна.

Детската агенција на ОН, УНИЦЕФ, во вторникот соопшти дека повеќе од 7 милиони деца биле погодени од земјотресот и дека „многу илјади“ загинале. „Дури и без потврдени бројки, трагично е јасно дека бројките ќе продолжат да растат“, рече портпаролот.

„Десетици илјади семејства се изложени на елементите кога температурите се многу ниски, а снегот и мразот се вообичаени“, им рече портпаролот на новинарите во Женева, додавајќи дека конечниот биланс на загинати ќе биде „зачудувачки“.

Првата делегација на ОН што ја посети северозападна Сирија, контролирана од бунтовниците, по минатонеделниот земјотрес премина од Турција во вторникот, објави АФП, и имаше за цел да ги процени потребите за хуманитарни и прехранбени потреби во област каде што 90% од населението – околу 4 милиони луѓе – беа зависни од помош и пред катастрофата.

Активистите и хуманитарните тимови во северозападниот дел, контролиран од опозицијата, го осудија бавниот одговор на ОН на земјотресот во областите под контрола на бунтовниците, спротивставувајќи го со авионите со помош доставени до аеродромите контролирани од владата.

ОН соопштија дека ја поздравуваат одлуката на сирискиот претседател Башар ал-Асад во понеделникот да отвори уште два гранични премини за да се овозможи помош од Турција на северот на земјата, каде што меѓународните напори за помош беа бавни и комплицирани.

Во меѓувреме, во Турција, потпретседателот Фуат Октај во вторникот ги негираше извештаите за недостиг на храна и помош. „Немаше проблеми со исхраната на луѓето“ и „милиони ќебиња се испраќаат во сите области“, рече тој. (Според агенциите)