Четири фирми и две лица кривично ќе одговараат за опасниот отпад во Орман


Државениот инспекторат за животна средина на прес-конференција соопшти дека опасен отпад е фрлен на локација во село Орман.

„По добивање на овластено известување на инспектор од животна средина направен е вонреден инспекциски надзор на 24 октомври. Утврдивме дека на плац на две физички лица оставена е одредена количина на отпад кој потекнува од „Рецикал еко-старт“ Скопје, со А интегрирана еколошка дозвола, лоциран на територија на Општина Чучер Сандево. Отпадната троска односно згура од преработка на оловни акумулатори е од правниот субјект „Тах мак“ од Пробиштип којшто исто така е носител на А интегрирана дозвола и истиот со договор е предаден на управување на „Рецикл еко-старт“. За време на вонредниот инспекциски надзор земени се мостри од повеќе места на двете локации и кај субјектот во Општина Чучер Сандево, кадешто е лоциран „Рецикл еко-стар“ и на локацијата во Орман кај двете физички лица. Примероците се земени од акредитирана лабораторија „Еуромак контрол“ од Скопје“, рече Сретен Стојковски, директор на ДИЖС.

Од инспекторатот соопштија дека иако постои мегусебен договор меѓу „Рецикал еко-старт“, и сопствениците на парцелите на локација на приватен имот, несоодветно е транспортиран и складиран отпад на локација која не е наменета за складирање.

„За ваков отпад нема добиено дозвола од Министерството за животна средина што е казниво согласно легислативата. Во следниот период ќе следат понатамошни акти во инспекциската постапка односно решенија со наредба за безбедно враќање на отпадот во кругот на „Рецикал еко-старт“ во рок од 60 денови и забрана за работа во време од 90 дена“, рече Стојковски.

Изминатиот месец инспектор од Ѓорче Петров утврди дека на приватен плац во селото Орман биле најдени 600-тони опасен отпад од акумулатори за кој граѓаните велат дека таму стои веќе шест месеци.

На денешната прес-конференција, директорот Стојковски информираше и за наодите од други инспекциски надзори помеѓу кои и вонредниот инспекциски надзор во ДИС ЕНЕРГИА ДОО СКОПЈЕ и ДПТТР ЕУРОПРОГРЕС ДООЕЛ.