Чествување на 195 години од раѓањето на Прличев со промоција на книга од академикот Митевски

Во книжарницата на „Матица македонска“ денеска ќе се одржи промоција на новата книга на потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Витомир Митевски насловена „Прличев и епската традиција“. Со промоција на ова издание во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Григор Прличев.
Промотор на делото ќе биде проф. д-р Ратко Дуев.
– Во суштина, книгата што е објавена годинава претставува синтеза на повеќестрани, споредбени анализи на двете главни поетски дела на Прличев, „Сердарот“ и „Скендербеј“, во потрага по изворната инспирација на поетот. Запазувајќи го строгиот научен пристап во истражувањето, Витомир Митевски длабоко навлегува во тајните на творечката поетска лабораторија и открива двојно влијание во овие две значајни поетски дела. Од една страна, тука е добро познатото влијание на Хомер, а од друга страна се издвојува до сега скоро незабележаното влијание на византиската епска традиција. Пристапувајќи му на поетското дело на Прличев од овие два аспекта, авторот остварува продлабочен увид во генезата на ова клучно творештво во македонскиот XIX век, соопштија од „Матица македонска“.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај. Покрај промоциите и средбите со автори, од „Матица македонска“ соопштија дека за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти.