Честитки од сите страни за автокефалноста на МПЦ-ОА


Фото: Б. Грданоски

 

До пред извесно време тешко можеше да се претпостави дека Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, ќе стане историски ден не само за македонските верници, туку и за целата држава Македонија. Дека токму на тој ден Српската православана црква ќе ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

За овој историски настан, или како што би рекол српскиот патријарх – „чудо“, стигнуваат честитки од сите страни и од политичарите, и од општествениците, и од обичните граѓани, без разлика дали се верници или не.

Претседателот Стево Пендаровски со честитка се јави од Давос во придружба на неговиот српски колега Александар Вучиќ.

„Со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ на кратка средба во Давос заеднички ја поздравивме одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ – ОА, како чекор во вистинска насока“, објави претседателот Пендаровски на својата Фејсбук страница.

Тој упати честитки до архиепископот Стефан и до сите православни граѓани за прифаќањето на автокефалноста. „Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архепископија ќе заврши со скоро потпишување на омосот од Вселенскиот патријарх Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, вели Пендаровски во честитката.

Премиерот Димитар Ковачевски кој денеска со владина делегаија присуствува на чествување на словенските просветители во Рим со видео порака им честиташе на граѓаните за големиот успех.

„Голем е денешниот ден, историски кога ги чествуваме светите браќа Кирил и Методиј да ја добиеме и автокефалноста на нашата држава, како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство и духвната величина на древната Охридкска архиепископија и како автентичен дел на македонскиот идентитет“, изјави премиерот.

Се јави и ДУИ со писмено соопштение во кое ја честиташе веста, додавајќи дека одлуката на СПЦ е важна за стабилноста во целиот регион бидејќи става крај на долгогодишниот спор, кој како што велат, создал многу контроверзии кои ги потресуваа темелите на мирот.

И за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ова е историски ден. „Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови“, изјави Мицкоски.

Веста што ја соопшти српскиот патријарх Порфориј стана прва вест и во српските медиуми.