Чест ми е, рече синоќа маестро Симон Трпчески кој го сефтоса новиот клавир на ФМУ пред преполна сала


Маестро Симон Трпчески и неговите пријатели-музичари, синоќа, со три часовен бесплатен концерт во НОБ, го промовираше новиот клавир „Feurich“- донација од бизнисменот Кочо Анѓушев, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во соработка со австриската Амбасада и амбасадорот Мартин Памер.

Кочо Анѓушев, сопственик и генерален директор на ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО, Деканката на ФМУ, Дарија Андова и австрискиот амбасадор Мартин Памер

Омилен на македонската публика, поради виртуозноста и патриотизмот, синоќа, со својот говор и помно избраната програма ја разнежи скопската публика ( која се уште оди на концерти со вклучени мобилки) и уважените гости, почнувајќи од претседателката Силјановска-Давкова ( која упадна на сред концерт со пет телохранители), министри, бизнисмени и претставници на дипломатскиот кор.

Концертот почна со најсуптилна музика, Мазурката од Шопен и Соната во Е-мол од Моцарт, за да продолжи со звучниот раскош на други дела од Моцарт, од шпанскиот композитор Лало ( шпанската музика е омилена на ќерка му на Трпчески, за што беше посебно концентриран) , со Унгарските танци на Брамс,  Турскиот марш на Моцарт, и композиции од ерменски автори, ретко изведувани кај нас. 

Преработките на македонските народни песни, но и оние македонски ритми, во изведба со „Македонисимо“, добија најмногу аплаузи и дофрлања, „браво“. 

Заедно со Трпчески синоќа настапија и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска, виолинистот Момчило Куфујанакис, басбаритонот Иван Наумовски и баритонот Горан Начевски.

Со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков

На сцената, пред публиката, се обратија и деканката на ФМУ, Дарија Андовска, австрискиот амбасадор Мартин Мапер и бизнисменот Анѓушев за кого беше чест Симон Трпчески прв да свири на донираното пијано. (Л.С.)

 

Фото: ФБ на Дарија Андовска