Чешкиот министер за здравство ќе мора да си оди откако ги прекрши правилата кои самиот ги воведе


Чешката јавност очекуваше од Роман Примула да ја запре епидемијата

Роман Примула беше фотографиран како напушта еден ресторан во Прага кој бил тајно отворен само заради него

 

Министерот за здравство на Чешка изгледа ќе ја изгуби работата откако посети ресторан во Прага во она што се чини дека претставува кршење на прописите што тој ги воспостави во обид да ја добие сѐ поочајната битка на земјата против корона вирусот.

Роман Примула, епидемиолог и главен архитект на чешката регулатива, беше фотографиран во средата вечерта од таблоидот „Блеск“ како напушта ресторан, што се чини дека бил недозволено отворен за гости од висок профил, неколку часа откако беше воведено свежо заклучување.

Неговата политичка судбина се појави запечатена кога премиерот Андреј Бабиш му рече да се повлече или во спротивно ќе биде разрешен и рече дека очекува да назначи нов министер за здравство. Бабиш ја донесе пресудата за Примула и за еден од неговите најблиски сојузници, Јарослав Фалтинек, шефот на парламентарната група на неговата партија Ано, на прес-конференција во петокот, како одговор на нивната посетата на ресторанот.

„Не можеме да проповедаме вода и да пиеме вино. Мислам дека министерот треба да води со пример без понатамошно одолговлекување“, рече тој. „Од таа причина, го замолив министерот да си даде оставка. Ако не, ќе го отпуштам. Го замолив г-дин Фалтинек да поднесе оставка како прв потпретседател на движењето Ано. Многу ми е жал, тој им се извини на сите за тоа“.

На кратката прес-конференција, Примула рече дека нема намера да поднесе оставка и не прекршил никакви мерки бидејќи не се сретнал директно во ресторанот. Неговите коментари дојдоа откако градскиот совет на Прага објави дека ќе покрене „административна постапка“ против него, Фалтинек и ресторанот.

Министерот Примула снимен како излегува од ресторанот со паричникот во рака

Примула беше сликан без маска – исто така кршејќи ги правилата – влегувајќи во неговиот министерски автомобил покрај службениот возач откако го напушти ресторанот „Рио“ во областа Вишеград на чешката престолнина.

„Примула буквално им се смее во лицето на сите оние кои ги прифаќаат неговите правила на дисциплиниран начин“, напиша „Блеск“ во придружната статија.

Фотографиите се појавија во четвртокот, еден ден откако Чешка, со население од 10,7 милиони жители, забележа 15.000 случаи на Ковид-19, што донесе ретко јавно извинување од Бабиш.

Сите ресторани, барови и пабови се затворени за клиенти во затворени простории од минатата недела со владиниот декрет издаден под вонредна состојба воведен на 5 октомври и што треба да истече на почетокот на следниот месец, но тоа досега не успеа да го спречи зголемувањето на бранот случаи на корона вирусот.

Примула (58), резервен полковник на армијата, ја презеде функцијата минатиот месец со задача да донесе построги мерки за запирање на големиот пресврт во епидемијата. Примула ги заслужи пофалбите пролетоска кога предложи воведување рана блокада што вклучуваше прописи со кои се бара носење маска на јавни места.

Тој стана познат по строгите јавни искази што содржат молби јавноста да остане дома и да покаже дисциплина за да се запре ескалацијата на епидемијата и предупреди дека чешкиот здравствен систем е близу до пукање.

Откритијата предизвикаа обвинувања за лицемерие и барања, вклучително и од колеги министри, Примула да си даде оставка.

Во четвртокот, имало уште 14.151 случаи, со што вкупниот број активни случаи се искачи на 133.995. Речиси 4.800 луѓе се во болница, од кои 735 се во критична состојба. Рекордни 113 смртни случаи поврзани со Ковид беа регистрирани во средата, со што вкупниот број на жртви достигна 1.845. (Гардијан)