Чешки суд ги отфрли барањата на Лихтенштајн за враќање на имоти

Суд во Чешка ги отфрли барањата на кнежевскиот двор во Лихтенштајн за враќање на неколку замоци и други имоти, јави чешката новинска агенција ЧТК.
Окружниот суд во чешкиот град Брецлав се повика на тнр. Бенешови декрети за легализирање на протерувањето и одземањето на имотот на околу три милиони Германци во тогашна Чехословачка. Според судот, овие уредби се неотповикливи.
На кнежевското семејство од Лихтенштајн по Втората светска војна, исто така, му е одземен имотот во Чехословачка. Сегашната фондација „Кнез на Лихтенштајн“ тврди дека принцот Франц Јозеф Втори, кој владееше со Лихтенштајн од 1938 година до неговата смрт во 1989 година, не е Германец, па затоа неговиот имот бил незаконски конфискуван.
Се очекува одлуката на судот во Брецлав да биде обжалена до повисокиот суд. Тужбата е за неколку имоти, вклучувајќи ги и замоците Леднице и Валтице во чешкиот јужноморавски регион, кои се заштитени од УНЕСКО од 1996 година. Принцовите од Лихтенштајн ги користеле овие замоци како резиденции до почетокот на Втората светска војна.