Чекајќи го гасот: Има ли иднина за ТЕЦ „Неготино“

Согласно сегашните цени на мазутот производството на електрична енергија би чинело преку 200 евра за мегаватчас, а и поради негативните ефекти врз животната средина, оваа зима не е предвидено вклучување на ТЕЦ „Неготино“, велат од ЕСМ


Кога работи, произведува скапа струја и ја загадува околината, а кога не работи создава трошоци бидејќи се чува како ладна резерва за нашиот подзастарен електроенергетски систем. И така со децении, без притоа да се реализира ниту една од бројните најави на неколку гарнитури политичари дека вториот по големина енергетски објект во земјава, Термоцентралата „Неготино“ ќе дочека подобри денови, во смисла на ставање во функција без притоа да испушта тони чад и пепел во атмосферата. За тоа да се реализира, наместо мазут, како погонско гориво за котлите треба да се користи природен гас. А, гасот, иако гасоводот минува во близина, се уште го нема до термоцентралата. Ниту, пак, се знае кога и дали воопшто ќе стигне.

Во меѓувреме единствената трансформација е што ТЕЦ „Неготино“ од крајот на февруари годинава веќе не е самостојна компанија во државна сопственост, туку стана дел од државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Дали ваквиот потег ќе овозможи подобри денови за старата термоцентрала и нејзино пренасочување кон природен гас, наместо мазут, или пак ќе овозможи нејзина сопственичка трансформација, за што исто така имаше обиди, во моментиов е тешко да се каже.

Но, за каков капацитет всушност станува збор?

Во „личната карта“ на ТЕЦ „Неготино“ стои дека почнала со работа во текот на 1978 година. Сместена е, како што знаат да потенцираат политичарите, „на идеална локација“, на околу 6,5 км југоисточно од Неготино, во средишниот дел на Македонија.
Централата има инсталирана моќност од 195 мегавати и максимална моќност од 215 мегавати со што претставува втор електроенергетски објект, веднаш зад РЕК „Битола“. За 24 часа може да произведе 4.680 мегават-часови електрична енергија, со што може да се задоволат една петина или 20 отсто од домашната потрошувачка на електрична енергија.
До тука е навистина „идеално“. Но, другите карактеристики се помалку сјајни – термоцентралата работи на мазут и едно деноноќие може да преработи 1.200 тони мазут, што производството го чини прилично скапо и еколошки несоодветно, па во поголемиот дел од овие речиси пет децении служи како „ладна резерва“ во рамките на електропреносниот систем на Македонија. Што би се рекло, „за недај Боже“, како што беше во кризните 2021 – 2023 година кога и граѓаните и фирмите се крстеа ТЕЦ „Неготино“ да работи како што треба не прашувајќи ниту за производствената цена, ниту за загадувањето од нејзините два оџаци.

Затоа во изминатиот период, во годините кога цената на струјата на светскиот пазар беше ниска, термоцентралата работеше по потреба, односно во исклучителни ситуации, или пак, за персоналот и постројките да се одржат во кондиција.

Проектите за нејзина модернизација и трансформација не се од сега. Пребарувањето по Интернет не води во 2012 година кога од тогашната влада беше најавувана гасификацијата на ТЕЦ „Неготино“, во рамки на проектот за гасификација на земјата и за модернизација на ТЕЦ, за порентабилно и почисто производство. Во сличен манир продолжуваа и наредните влади, па така во декември 2020 година, слушавме дека има најмалку десет заинтересирани компании за ТЕЦ „Неготино“ и дека за таа цел ќе се изработи физибилити студија за да се види што е поисплатливо, продажба или јавно приватно партнерство.

Познавачите велат дека и претходно, во времето кога со ФЕНИ управувале Французи и тие биле заинтересирани да ја закупат термоцентралата, при што биле воодушевени како од режим нула може да се крене брзо во работен режим. Но, и тој обид не завршил успешно.

Сега, кога енергетската криза е зад нас, и кога цените на електричната енергија се спуштија, навистина не на нивото пред кризата, повторно во фокусот е термоцентралата и нејзината модернизација и трансформација. Инаку, уште од нејзиното пуштање со работа во 1978 година, постоеле размислувања таа да се пренамени и мазутот да биде сменет со природен гас. Идејата се засилила последните десетина години, но досега не се реализира.

Интересно е што термоцентралата, односно нејзините два котли е приспособена да работи и на гас, па поради ова уште почудно е зошто тоа до сега не е реализирано.

Деновиве, на трибина „Македонија на патот на енергетската транзиција“ во рамки на саемот „Технома енерџи“, овој податок го изнесе професорот на Машинскиот факултет д-р Ристо Филкоски.

„Покрај производство од обновливи извори, во електроенергетскиот систем неопходни ни се и големи објекти и тоа под итно. Постојните капацитети на кои што се базира производството на електрична енергија се навистина стари, тимовите што ги управуваат одлично си ја знаат работата, но тоа е како да имате стар автомобил и од време на време знае да застане, а тимот се снаоѓа како да го поправи и да продолжи понатаму“, вели професорот Филкоски.

Тој потсетува на ТЕЦ „Неготино“, кога пред три-четири години никој не поставуваше прашање какви се емисиите при согорување на мазут, туку само да се добие електрична енергија по прифатлива цена, за да не паѓа системот и да не се воведуваат рестрикции во снабдувањето.

Според него под итно е потребна една, а потоа уште една комбинирана когенеративна постројка на природен гас, за комбинирано производство на електрична и топлинска енергија, при што како одличен пример го наведува ТЕ-ТО.

„’ТЕЦ Неготино’ покрај тоа што работи на мазут, таа е целосно проектирана и изведена да работи и на природен гас. Меѓутоа факт е дека никогаш на проработела на природен гас затоа што таму немало природен гас“, вели тој.

Професорот нагласува дека во овие големи проекти мора сериозно да загазиме многу брзо, и да се реализираат што побрзо затоа што во спротивно ќе се доведеме во ситуација како со топлификацијата на Битола, за која што има проект уште од осумдесетите години на минатиот век што е одложуван од една, друга или трета причина, а сега повторно е актуелен.

„Ако со ова продолжиме во тој стил ќе дојдеме во ситуација во која некој ќе постави прашање дали воопшто треба да се гради, ако се приближуваме до 2050 година кога ќе ни постават нови рестриктивни услови“, вели Филкоски.

Енергетичарите велат дека со правилно одржување и со навремени ремонти може значително да се продолжи векот на ТЕЦ „Неготино“. Но, дали е тоа решението?

Од АД ЕСМ, за „Независен“ велат дека производствените трошоци на централата се директно поврзани со цената на погонското гориво, односно мазутот, затоа што овој енергент се набавува по берзански цени.

На прашањето дали се преземаат мерки за да се намалат производствените трошоци и да се зголеми ефикасноста на централата, од ЕСМ посочуваат дека со оглед на тоа што наближуваат пет децении од изградбата на електраната, нејзината ефикасност може да се зголеми со модернизација на постројките и опремата.

„Централата може да се гасифицира, а тој процес ќе придонесе во намалување на загадувањето и зголемување на енергетската ефикасност. На тој начин, ТЕЦ ‘Неготино’ ќе биде еден од столбовите за базна енергија за наредните две до три децении, со оглед дека сме во период кога државата се движи кон зелена енергетска транзиција“, се вели во одговорот од ЕСМ.

Во однос на техничката состојба на ТЕЦ „Неготино“ и кои се најголемите предизвици за нејзината модернизација, од ЕСМ посочуваат дека новото раководство на ТЕЦ „Неготино“ назначено неодамна, затекна делумна подготвеност на капацитетот.

„Имено, по завршувањето со работа на блокот од април 2023 година, претходното раководство започнало со ремонтни активности на дел од опремата во централата, кои за жал, не ги завршило. Дел од позициите кои требало да подлежат на ремонтни активности, до денеска не се завршени и не се тестирани во работа“, велат од ЕСМ.

Притоа, додаваат дека за да ја знаат расположливоста на централата, во наредниот период е потребно да се изврши пробно тестирање на новите уреди и инструменти. Сепак, согласно сегашните цени на мазутот, според кои, производството на електрична енергија би чинело преку 200 евра за мегаватчас, како и поради негативните ефекти врз животната средина, оваа зима не е предвидено вклучување во електроенергетскиот систем (ЕЕС), односно електраната ќе остане ладна резерва.

„Како најголем предизвик за електраната за нејзина модернизација сметаме дека е гасификацијата. Кога ќе се овозможат услови за доведување на гасната инфраструктура до овој капацитет, ќе може да започне и капитален зафат за конвертирање на ТЕЦ ‘Неготино’ во когенеративна електрана“, велат од АД ЕСМ за „Независен“.

Инаку, како што посочи на трибината за енергетската транзиција претставничката од Номагас, д-р Марта Вејсели, советник за меѓународни проекти, делницата од националниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар е завршена, исто така и делницата Неготино – Битола. Делницата Свети Николе – Велес е во тек, исто така и делницата Кичево – Охрид.

„За делницата Гостивар – Кичево ќе се отпочне со проектирање како и за Битола – Охрид. Имаше краток застој во 2024 поради изборниот период“, вели Вејсели.

Сепак, останува отворено прашањето кога гасот ќе биде достапен за ТЕЦ „Неготино“, како и дали можеби во таа насока ќе треба да се чека и снабдувањето со гас преку идниот интерконектор помеѓу Македонија и Грција, што ќе овозможи транспорт на гас од Александополис, како и преку гасоводот ТАП.

Во меѓувреме, фирмите се насочени со електична енергија да се снабдуваат на отворениот пазар, каде што состојбите односно цените се прилично флуктуирачки. Тие, преку Стопанската комора на Македонија во време на кризните години дури сакаа да ја закупат термоцентралата „Неготино“ со цел да работи пред се за потребите на стопанството кое во тој период ја набавуваше струјата по убедливо највисока цена во однос на компаниите од регионот.

„Во услови кога во нашата држава имаме значително зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, а особено фотоволтаични централи, модернизирањето и пуштањето во работа на енергетски објект кој дава стабилна и предвидлива електрична енергија може значајно да влијае на подобрување на стабилноста и доверливоста на системот за пренос на електрична енергија. Со стартување на ТЕЦ ‘Неготино’ би го зголемиле домашното производство на електрична енергија со релативно стабилна цена на електрична енергија на праг на електрана. Со тоа перспективно би се намалила зависноста од увоз на енергија. Во услови на енергетска транзиција и намалени капацитети на јаглен, размислувањето за пристапување кон други технологии кои може да обезбедат домашна базна енергија е целосно оправдано“, велат од Стопанската комора за „Независен“.

Од таму додаваат дека ако ТЕЦ „Неготино“ функционира со нови, поефикасни и помалку загадувачки технологии, тој може да помогне во обезбедување на базна енергија и поддршка на домашното производство, со што би се поттикнало локалното стопанство и вработувањето.

„Замена на горивото од мазут (продукт што се добива како остаток при дестилација на нафтата) на природен гас е една од опциите која може значително да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и загадувањето, што е поволно за еколошките стандарди. Природниот гас има помал јаглероден отпечаток во споредба со нафтата и е помалку штетен за животната средина“, велат од Стопанската комора.

Посочуваат дека во однос на економската исплатливост, природниот гас може да биде поповолен од мазутот, особено ако цените на природниот гас се стабилни и ако се обезбедат долгорочни договори за набавка на природен гас. Покрај тоа, користењето на природен гас може да ја зголеми енергетската ефикасност на централата, што би помогнало во намалувањето на оперативните трошоци на долг рок. Сепак треба да се изработи Физибилити студија која ќе ги анализира сценаријата, согласно политиката на државата за изградба на гасоводни мрежи и обезбедување на природен гас од различно потекло.

Со оглед дека и гасот како енергент во догледна иднина најверојатно ќе треба да се замени со некое уште поеколошко гориво, како на пример водородот, се поставува прашањето дали можеби крајното решение за ТЕЦ „Неготино“ е водородот, особено ако се има предвид дека гасоводот кој ќе се гради помеѓу Македонија и Грција ќе има можност за транспорт на водород.

„Пренамената за користење водород е амбициозен план, кој би можел да биде значаен чекор за долгорочното намалување на емисиите на стакленички гасови. Меѓутоа, ова бара значителни инвестиции и технолошки напредок. Во блиска иднина, целосна транзиција кон водород е исклучително амбициозен исчекор, но постепеното воведување на водород како дел од мешавината со други горива може да биде идеја за реализирање. За реализација на ова, ќе биде потребна инфраструктурна поддршка, како што се инвестиции во складирање и транспорт на водород, што би требало да биде соодветно поддржано и стратешки испланирано“, велат од Стопанската комора.

Во секој случај за енергетичарите прашањето е прилично комплексно и одговорот треба да го даде техноекономска анализа.

„Мора да се направи сериозен проект пред да се даде издржан одговор. Има повеќе работи кои треба подетално да се елаборираат. Има решенија, но прашање е на стратегискиот пристап. Но, ако причекаме уште малку ќе не изгазат сите рокови. А, објектот е стар и тоа треба да се има во предвид“, велат тие.