Чебрен може да биде арапска зделка, инженерите сега молчат

Од „скандалозен проект на СДСМ“, хидроцентралата Чебрен сега за ВМРО-ДПМНЕ стана „одлична можност за инвестирање“ презентирана на инвеститорите во Обединетите Арапски Емирати.
Премиерот Христијан Мицкоски, во времето кога беше опозиционер, редовно ја обвинуваше тогашната влада дека со проектот Чебрен прави „продажба на националните ресурси“. Енергетичарите кои важеа а блиски до ВМРО-ДПМНЕ постојано повторуваа дека Македонија сама треба да ја изгради хидроелектраната – „со домашни капацитети, со наши инженери“. Мицкоски вчера од Абу Даби изјави дека за време на четиридневната посета на Емиратите им го понудил Чебрен на арапските инвеститори како врвен енергетски проект.
„Разговаравме за енергетски проекти, вклучувајќи ги Чебрен и Галиште“, порача премиерот од Абу Даби.
Она што пред неколку години беше мета на жестока критика, сега станува шанса за „поставување на Македонија на мапата на светските инвеститори“. Се чини дека мапата има различен изглед кога се гледа од позиција на власт, пишува порталот „Рацин“.
Здружението на инженерите молчи, а беше толку гласно Чебрен да не им се дава на странски инвеститори. Особено на грчкиот инвеститор, државната компанија „Архиродон“ кога зделката беше речиси пред крај.
„Ги презентиравме можностите за инвестирање, сакаме да бидеме на мапата на светските инвеститори“, изјави Мицкоски. Тоа е легитимна цел. Но прашањето е – дали е ова иста таа мапа на која пред неколку години беше црвената линија „без странски концесионери за Чебрен“?
Реверзибилна хидроцентрала Чебрен на Црна Река, според планот, треба да биде со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река треба да се создаде ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.
Доколку се изгради хидроелектраната Чебрен, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно.